Разговор со Викторија Лоба: Никогаш не пијам вода со оброците

Фото: Приватна архива

Талентираната пејачка со завидна кариера, на музичката сцена е присутна од најмалата возраст, уште од 2003 година кога ја претставуваше Македонија на Детската евровизија. Зад Викторија Лоба се многу настапи и награди, таа е и заштитно лице на многу брендови, позната е и по хуманите дела… Меѓутоа, Лоба е позната и по беспрекорниот тен и добрата фигура. Освен гените, за тоа се заслужни и нејзиниот стил на живот и грижата за духот и телото.

Фото: Марко Маркоски

Со Викторија денеска разговаравме за исхраната, за одржувањето на еден здрав баланс помеѓу духот и телото, како добро да се чувствувате во сопственото тело и воедно да се грижите за своето здравје на долги патеки. Здравиот организам е благодат за секој човек.

Викторија ужива во јадењето, но сепак, внимава што внесува во својот организам. Приоритет им дава на здравите оброци. А, кога ќе си дозволи да „скрене од патот“ си ја чести душата со омилениот десерт.
– Моите оброци главно се здрави, знам да се почестам со добар десерт, но тоа не ми го нарушува балансот во исхраната – вели Викторија.

Ниту гладува, ниту се прејадува

Во нејзиниот речник не постои зборот диета, дури и кога имала потреба да се ослободи од некој вишок килограм, не се водела слепо по рестриктивни диети.

– Не сум следбеник на диети, можам да кажам дека не сум држела диети, но доколку сум сметала дека е потребно да ослабнам некој килограм, сум ја намалувала количината на храната што ја консумирам. Не сум имала никогаш сериозни проблеми со тежината, отсекогаш јадам доволно, а притоа ниту гладувам ниту се прејадувам – истакнува Викторија.

За Викторија, физичката активност, односно вежбањето се од есенцијално значење за севкупното здравје – како за физичкото, така и за менталното.

– Физички сум активна и моето тело ми е благодарно за тоа. Вежбам минимум трипати неделно и многу сакам да одам пешки, што и на сите им препорачувам, поради фактот што не само што телото се активира, туку и умот се празни од непотребни мисли – препорачува пејачката.

Со оглед на тоа што е доста деловно ангажирана на повеќе полиња, а времето понекогаш не е сојузник за да ги завршиме сите обврски, потребно е и добро менаџирање на истите. А, притоа, да не заборавиме и на грижата за здравјето. Како Викторија го менаџира одржувањето на здравјето со секојдневните обврски?

– Едноставно не вложувам некои посебни напори, здрав начин на живот е мојот животен стил веќе многу години и само се подобрувам во тоа. Благодарна сум на ова мое тело кое ми служи, ме носи на прекрасни места и ми овозможува прекрасни искуства, оваа благодарност ја одржувам секојдневно со здрава исхрана, физичка активност и здрави мисли. Кога станав свесна за ова во периодот додека студирав, комплетно го променив начинот на живот. Дотогаш знаев да јадам нездраво и да се прејадувам, но за среќа, имам брз метаболизам и немав сериозни последици од тој период – вели Викторија.

Фото: Антонио Станков

Што се наоѓа во нејзиниот фрижидер

Нашата земја е позната по богатиот избор на здраво и колоритно овошје и зеленчук, а Викторија на прво место ги стави сезонските производи. Но, затоа, пак, една намирница веќе неколку години не се наоѓа на нејзиното мени.

– Секогаш давам предност на сезонските намирници. Сакам да консумирам сезонски намирници. На пример, зимата уживав во супи од тиква, салати од морков и цвекло, јадев домашна туршија. Сега кога има повеќе свеж зеленчук и трпезата ми е многу по богата со разновидни салати. Денот го започнувам со кафе или чај и една до две урми. Појадувам малку подоцна, после вежбање и најчесто тоа е чија пудинг со путер од кикирики, омлет, или овесна каша со овошје. Готвам речиси секој ден, иако знам да нарачам и пица, но тоа не го доживувам како нездрав оброк затоа што ретко го практикувам. Јас сум паскетарјанец – тоа е истото што и вегетаријанец, само со плус консумација на риба и морски плодови. Не јадам месо веќе неколку години, едноставно мојот организам одеднаш го отфрли и не можев повеќе да го консумирам, но затоа многу сакам да готвам домашни македонски манџи со леќа, грашок, компири. Си експериментирам и со нови рецепти, смислувам некои нови сосови за паста, салати и слично. Најчесто во мојот фрижидер може да се најдат моркови, сладок компир, авокадо, хумус, кисели краставички и сезонски зеленчуци – објаснува Викторија.

Убавата пејачка нема некои ритуали при јадењето, но се придржува до едно непишано правило при консумирањето на оброците.

– Многу оддамна некој ми има кажано да не пијам вода додека јадам затоа што му пречи на варењето. И дефинитивно е така во мојот случај, јас никогаш не пијам вода со оброците – истакнува Викторија.

Рецепт на Викторија Лоба

Највкусниот леб од банана

Кога бананите многу ќе созреат не мора да ги фрлате, можете да направите банана леб и за тоа ви се потребни следниве состојки:

– 250 гр брашно од цело зрно
– 1 лажичка сода
– 1/4 лажиче сол
– 1/2 лажичка цимет
– 115 гр несолен путер
– 150 гр кафеав шеќер (или шеќер од кокос)
– 2 големи јајца (или 70 гр аквафаба, течноста која се формира после варењето наут)
– 80 гр јогурт
– 4 зрели банани
– 1 лажичка екстракт од ванила
– 100 гр ореви

Начин на подготовка:

Загрејте ја рерната на 180 степени Целзиусови. Ставете хартија за печење во садот или подмачкајте го со масло.

Во голем сад измешајте ги сувите состојки односно брашното, солта и циметот.

Путерот треба да се стопи за да стане мек, но не дозволувајте да се загрее. Матете го со шеќерот со голема брзина 2 минути. Додавајте јајца едно по едно мешајќи го секое со миксер на средна брзина. Ако користите аквафаба, тогаш измешајте го со миксер додека не добиете густа конзистентност. Потоа, во смесата додавате ванила, јогурт и банани. Измешајте сè додека не се изедначи. Потоа, со бавна брзина ги додавате и ги мешате сувите состојки во смесата, но не претерувајте со миксер во оваа фаза. Додадете ореви.

Смесата ставете ја во сад за печење, одозгора ставете тенко исечени банани. Ставете ја смесата да се пече во претходно загреаната рерна на 180 степени Целзиусови , 60–65 минути. Ако по 30 минути од печењето, забележите дека лебот одозгора потемнува, добива темно кафеава боја, можете одозгора да го покриете со фолија до крајот на неговото печење. Чекајте лебот целосно да се излади и уживајте во неговиот неповторлив вкус!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот