Разговор со Емилија Спасовска Мојсовска, нутриционистка: Исхраната според циклусот не е тренд, туку научно потврден начин за поддршка на целокупното женско здравје
Започни со мал чекор, следи како се чувствуваш низ циклусот и бележи каква храна најмногу ти одговара. Твоето тело ќе ти возврати со енергија, хармонија и благодарност.
Во нутриционизмот постои едноставна, но често потценета вистина, женското тело не функционира исто секој ден. Женскиот хормонален циклус не е само биолошки процес во кој хормоните постојано се менуваат, а тоа е природен ритам кој влијае на енергијата, расположението и физичката издржливост. Сè повеќе жени денес откриваат дека приспособувањето на исхраната и начинот на живот според фазите на циклусот носи рамнотежа, подобро здравје и внатрешен мир. Во разговор со нутриционистката Емилија Спасовска Мојсовска за „Слободен печат“, ви откриваме како секоја фаза од фоликуларна до менструална носи свои потреби, и што можеме да направиме за да ја поддржиме енергијата и хармонијата на телото.
Препорачано
Што е фоликуларна фаза и што треба да се преземе за обновување и кревање на енергијата?
– Фоликуларната фаза започнува веднаш по менструацијата и трае приближно две недели. Во овој период, естрогенот постепено расте, што се одразува преку поголема енергија, ментална јасност и мотивација. Организмот природно се подготвува за нов почеток, идеален момент за освежувачка, лесна и нутритивно избалансирана исхрана.
Препорачливо:
– Свежо овошје богато со антиоксиданти: јагоди, боровинки, јаболка
– Зелен зеленчук и сезонски салати
– Јајца, јогурт и риба како извор на квалитетни протеини
– Интегрални житарки за стабилно ниво на енергија
Совет од нутриционист: ова е фаза во која телото полесно се адаптира, искористи ја за воведување нови здрави навики и физичка активност.
По неа следува овулаторна фаза, зошто токму оваа фаза е посебна за жената?
– Во оваа фаза, естрогенот е на врвот, а метаболизмот станува поактивен. Жената природно чувствува самоувереност, фокус и виталност. Исхраната треба да биде лесна, богата со витамини и минерали кои го поддржуваат метаболизмот и репродуктивното здравје.
Препорачливо:
– Свежо овошје и зелен зеленчук
– Храна богата со цинк и магнезиум: авокадо, семки, киноа, ореви
– Лесни протеини: риба, пилешко, леќа
Совет од нутриционист: ова е момент кога имаш најмногу енергија, идеален за физички активности, креативни проекти и социјални контакти.
Лутеална фаза е време на смирување и стабилност на телото, што се случува во овој период?
– По овулацијата, нивото на прогестерон расте, што може да предизвика посилен апетит, замор или чувствителност. Во овој период телото има потреба од топла, хранлива и утешна храна која ќе го стабилизира шеќерот во крвта и ќе ја поддржи продукцијата на серотонин.
Препорачливо:
– Комплексни јаглехидрати: овес, киноа, сладок компир
– Топли оброци: чорби, супи, печени зеленчуци
– Темно чоколадо (минимум 70 отсто) и банани – природни поддржувачи на расположението
Совет од нутриционист: избегнувај прекумерен внес на кофеин и шеќер, тие можат да го нарушат хормоналниот баланс и да ја зголемат раздразливоста.
На крај следува менструалната фаза, време за одмор и обновување, објаснете ни нешто повеќе за овој период?
– Во оваа фаза телото се прочистува и се регенерира. Поради загуба на железо, важно е да се консумира храна богата со железо, цинк и витамин Б12. Исхраната треба да биде нежна кон дигестивниот систем и поддржувачка за обновата на енергијата.
Препорачливо:
– Месо, цвекло, спанаќ, леќа, тофу
– Топли супи, чорби и благи оброци
– Билни чаеви: ѓумбир, камилица, нане – за смирување и олеснување на грчевите
Совет: ова е време за одмор и грижа. Дозволи си мир, побавно темпо и храна што носи удобност.
Заклучок
Исхраната според циклусот не е тренд, туку научно потврден начин за поддршка на хормоналната рамнотежа и целокупното женско здравје. Кога на телото му даваме тоа што му е потребно во секоја фаза, резултатите се видливи, побрз метаболизам, подобро варење, стабилно расположение и природен сјај на кожата и косата.
Хормоналниот баланс започнува со разбирање и со љубов кон себе. Запомни: твоето тело не е твој противник, туку твој водич.
Совет
Започни со мал чекор, следи како се чувствуваш низ циклусот и бележи каква храна најмногу ти одговара. Твоето тело ќе ти возврати со енергија, хармонија и благодарност.


