Разговор со Дарко Дедиќ, генерален директор на „Винер лајф“: Во кризната 2020 година „Винер лајф“ успеа да ја задржи довербата кај граѓаните

Она што посебно ги прави горди челните луѓе на „Винер лајф“ и ја гарантира безбедноста на вложените средства на нивните клиенти е што на крајот од 2020 година, благодарение на континуираниот процес на оптимизација на трошоци, успеаја вкупните вложувања на „Винер лајф“ да ги зголемат значајно над една милијарда денари.

Наш соговорник е Дарко Дедиќ, генерален директор на „Винер лајф“ и претседател на Управниот одбор.  

2020 година претставуваше предизвик за целата светска економија. Мерките за справување со пандемијата влијаеја на работењето на сите компании. Како „Винер лајф“ се справи со сите предизвици во текот на 2020 година?

– Како и секоја општествено одговорна компанија, „Винер лајф“ своите активности ги спроведуваше стриктно почитувајќи ги препорките на СЗО. Тоа несомнено имаше влијание во начинот на извршување на нашите активности. Сепак како дел од ВИГ (VIG) – најголемата осигурителна групација во централна и југоисточна Европа, мошне брзо воспоставивме протоколи, кои ни овозможија да продолжиме да ги нудиме производите за животно осигурување, а во исто време непречено да ги сервисираме сите наши обврски по пријавените штети од нашите клиенти. Самата светска здравствена криза дополнително ја зголеми свеста кај граѓаните за значењето и потребата од полиси за животно осигурување, што за нас претставуваше огромен мотив за наоѓање начини со кои го проширивме осигурителното покритие со дополнителни ризици со кои се соочува секој наш граѓанин.

Кои се Вашите очекувања за резултатите од работењето во 2020 година?

– Главната придобивка во оваа година беше што „Винер лајф“ успеа да ја задржи довербата кај граѓаните. Тие секогаш биле и ќе бидат примарен фактор во сите наши стратешки определби. Ваквиот пристап ни овозможи во 2020 година значително да го зголемиме бројот на клиенти, кои ни ја укажаа довербата и станаа корисници на некој од нашите производи за животно осигурување. Што се однесува до вкупната осигурителна премија, „Винер лајф“ и во овој сегмент ќе забележи раст во однос на 2019 година. Она што посебно нѐ прави горди и ја гарантира безбедноста на вложените средства на нашите клиенти е што на крајот од 2020 година, благодарение на континуираниот процес на оптимизација на трошоци, успеавме вкупните вложувања на „Винер лајф“ да ги зголемиме значајно над една милијарда денари. Накратко сумирано, перформансите на „Винер лајф“ ќе бидат значајно подобри од просечниот развој на пазарот на животно осигурување во 2020 година.

Што понатаму, какви се плановите на „Винер лајф“ за наредната година?

– Главна желба за наредната година ни е што побрзо да заврши светската здравствена криза и полека да се враќаме на секојдневието што го имавме. Во меѓувреме, ние ќе преземеме неколку активности со цел да им овозможиме на нашите клиенти што поедноставно користење на нашите производи за животно осигурување. Од пред неколку дена ја пуштивме во употреба нашата нова веб-страница, каде што додадовме можност за електронско плаќање на нашите полиси. Исто така, нашите клиенти со едноставна регистрација на нашиот портал ќе можат во секое време да имаат увид во нивните полиси. Со овие иновации сметаме дека значително ќе ја зголемиме транспарентноста кон нашите клиенти и ќе го зголемиме обемот на интеракција. Во процес на изработка ни се и неколку нови производи што се наменети како за граѓаните, така и за корпоративниот сектор, кој во претходните години беше во фокус само на компаниите за неживотно осигурување. Македонскиот осигурителен пазар е сѐ уште пазар во развој, а наша цел е преку нудење соодветни производи, но пред сѐ преку сервисирање на обврските што сме ги презеле кон нашите клиенти, да имаме значајно влијание на идниот развој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот