Разговор со д-р Владимир Трајковски: Генетиката и животниот стил се поврзани со зголемен ризик од спонтан абортус

Ризикот од спонтан абортус поради генетски абнормалности се зголемува од 10 до 15 отсто кај жените помлади од 35 години, а повеќе од 50 отсто кај жените постари од 40 години.

На тема причини за повторливи абортуси и превенција од овие непријатни случувања разговараме со д-р Владимир Трајковски, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ-специјалист во Центарот за плодност „Њуборн клиник“.

Кога станува збор за повторливи прекини на бременост и што е биохемиска бременост?

– Повторливи прекини на бременоста е состојба кога жената има две или повеќе клинички прекини на бременоста, односно спонтани абортуси, пред навршување на 20 недели од бременоста. Клиничкиот прекин на бременоста се случува откако бременоста била забележана преку испитување со ултразвук, и може да се појави уште во 5-6 гестациска недела (1-2 недели по пропуштениот менструален циклус). „Биохемиската бременост“ се случува кога резултатот од тестот за бременост преку урина или крв е позитивен, но опаѓа и постанува негативен пред клинички бременоста да може да се види на ултразвук. Биохемиските загуби обично не се вклучени во изработка на дијагнозата за повторливи прекини на бременост.

Колку генетиката игра улога во појавата на повторливи прекини на бременост?

– Многу од раните абортуси, оние што се случуваат во првите три месеци од бременоста, се должат на генетски аномалии во ембрионот. Во нормален ембрион има 46 хромозоми. Кога ембрионот има дополнителен хромозом или еден недостасува, бременоста, најверојатно ќе заврши со спонтан абортус. Хромозомските абнормалности се јавуваат кај 60 отсто од абортусите во првото тримесечје. Таквите генетски абнормалности обично не дозволуваат развој на здраво бебе. Ризикот од спонтан абортус поради овие генетски абнормалности се зголемува од 10 до 15 отсто кај жените помлади од 35 години, а повеќе од 50 отсто кај жените постари од 40 години.

Кај околу 5 отсто од паровите со повторливи прекини на бременоста, еден од родителите има преуредување (транслокација) на своите хромозоми. Ако еден родител има транслокација, тоа може да резултира во ембриони со неурамнотежени хромозоми, кои ја зголемуваат веројатноста за абортус.

profimedia

Како може да се утврди дали кај родителите има транслокација на хромозомите?

– Може да се проучи крвта на родителите (кариотип) за да се види дали тие имаат транслокација. Ако се пронајде проблем кај хромозомите, докторот може да препорача генетско испитување. Додека многу парови со транслокации конечно успеваат да зачнат и да имаа природна здрава бременост, вашиот доктор може да предложи третмани за оплодување, како ин витро фертилизација (ИВФ).

Колку начинот на живот може да придонесе за спонтани абортуси, односно за превенција од нив?

– Доколку се прекине со пушење цигари и недозволена употреба на дрога, ќе се намали ризикот од спонтан абортус. Ограничувањето на алкохолот и дозите на кофеин исто така може да биде од корист. Дебелината или прекумерната телесна тежина е поврзана со зголемен ризик од спонтан абортус, па така здравото губење на телесната тежина може исто така да помогне при забременување.

Дали стресот може да придонесе за повторливи прекини на бременост?

– Не постои јасен научен доказ дека стресот, анксиозноста, или благата депресија предизвикуваат повторливи прекини на бременоста, но сепак, овие се важни проблеми кои се заеднички кај сите жени со вакви загуби. Психолошката поддршка и советување може да им помогне на паровите да се справат со емоционалната болка од спонтан абортус и да се создаде здрава околина за забременување.

„Њуборн клиник“ – Центар за плодност, булевар „Илинден“ 107, 1000 Скопје, телефон : +389 (0)2  2734 350

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот