Ратко Младиќ е на крајот од животот, адвокатите бараат да биде пуштен од затвор
Адвокатите што го застапуваат осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, чекаат одлука од судот на ОН за нивното барање Младиќ да биде пуштен од затворот во Хаг, врз основа на тоа што му се ближи крајот на животот, објави Би-Би-Си.
Препорачано
84-годишниот Младиќ беше осуден на доживотен затвор во 2017 година за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војните во поранешна Југославија помеѓу 1992 и 1995 година. Казната за човекот познат како „Касапот од Босна“ беше потврдена по жалба во 2021 година.
Во деталниот поднесок до судот во петокот, неговите адвокати истакнуваат дека Младиќ веќе долго време е врзан за кревет или е во инвалидска количка, но и дека доживеал мозочен удар за време на разговор со својот син, поради што речиси не можел да зборува.
Тие додаваат дека двајца лекари ја оцениле неговата здравствена состојба како сериозна и дека „ризикот од непосредна смрт е висок“. Адвокатите побараа негово итно привремено или условно ослободување во болница или хоспис каде што се зборува српски јазик.
Одбраната на Младиќ бара негово враќање дома, а српскиот министер за правда Ненад Вујиќ јасно стави до знаење дека владата е подготвена да му даде гаранции на судот доколку го ослободат Младиќ.
Младиќ командуваше со силите на босанските Срби во 1990-тите против армиите на босанските Хрвати и Бошњаците (босански муслимани), за време на војната во која неговите трупи извршија „етничко чистење“ во Босна и Херцеговина, извршија опсада на главниот град Сараево што резултираше со смрт на повеќе од 10.000 луѓе и го извршија масакрот на 8.000 мажи и момчиња во Сребреница.


