Рама ги повика Албанците од Прешевската Долина масовно да гласаат на утрешните избори во Србија

Фото: Топ Чанел

Официјална Тирана денеска ги повика Албанците од Прешевската Долина утре масовно да излезат на изборите во Србија и да гласаат за заедничката кандидатска листа на петте политички партии на Албанците од овој дел на Србија.

Во објавата на Твитер премиерот Еди Рама уште додава дека „обединувањето во гласањето го зајакнува гласот на Албанците”

– Посакувам утре висок одѕив на изборите и масовна поддршка на листата на обединетата долина. Обединувањето на гласовите за обединетата долина го зајакнува гласот на Албанците и дава претставничка сила на заедницата која заслужува многу повеќе. Сила браќа, единството ја прави моќта, напиша Рама.

И овластениот албански министер за Европа и надворешни работи Гент Цакај, ги охрабри Албанците од Прешевската Долина да гласаат за заедничката кандидатска листа, која, како што напиша на Фејсбук, ја има целосната поддршка од Албанија и од Косово.

– Уште еднаш: Високиот одѕив и масовната поддршка на изборите за листата на обединетата долина има големо значење. ДА, ДА: има различни мислења и многу политички партии, но во Прешевската Долина треба да има само еден политички фактор! Оваа листа ја ужива целосната поддршка од Република Албанија и Република Косово: ова треба да биде почетна точка на заедничко вложување за Долината! напиша Цакај, кој деновиве престојуваше во овој дел на Србија.

Претходно заедничкото учество на партиите на Албанците од Прешевската Долина, на изборите во Србија го поздрави и шефот на албанската држава Илир Мета, кој смета дека нивната соработка ќе гарантира зајакнување на гласот на албанското население.

Обединувањето на политичките партии на Албанците од Прешево, Медвеѓе и Бујановац, беше постигнато токму со залагање на официјална Тирана.

Тие во јануари годинава во албанската метропола, во присуство на Цакај, потпишаа договор за создавање заедничка кандидатска листа за учество на парламентарните избори во Србија.

-Денес албанските политички претставници на Прешевската Долина го дадоа највредниот и најзначаен пример за тоа колку партиските разлики можат да се артикулираат во рамките на еден национален став. Денешното обединување им служи на граѓаните на Долината, но и на Албанците каде и да се, рече тогаш Цакај, кој по потекло е од Косово.

Инаку, петте политички субјекти ,Партијата за демократска акција, Алтернатива за промени, Демократската партија, Движењето за реформи во ДПА и Движењето демократски напредок, настапуваат под слоганот „Албанска демократска алтернатива – обединета долина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот