Ракометарите испуштија победа во Злин, Македонија во Скопје ќе ја вади мундијалската виза

Филип Талески, еден од лидерите на македонската ракометна репрезентација/фото: Слободен печат - Драган Митрески

Ракометната репрезентација на Македонија пропушти идеална можност да триумфира и одигра нерешено 24:24 на гостувањето во Злин против Чешка во првиот  бараж натпревар за пласман на Светското првенство што ќе се игра идната година.

Во шестиот натпревар на гостувањата во Чешка, ракометарите беа најблиску до победата имаа седум гола предност во второто полувреме, но Кашпарек со голот на 10. секунди до крајот „им го украде“ триумфот на избраниците на Кирил Лазаров. Патникот на СП во Полска и Шведска ќе биде одлучен в недела во СЦ „Борис Трајковски“ кога ќе се игра реваншот.

Избраниците на селекторот и капитен Кирил Лазаров, во Злин одиграа одличен натпревар, нападот функционираше перфектно 50-тина минути, не се брзаше, не се шутираше од неизградени позиции туку се чекаше идеалниот момент од изградена позиција да се шутира, но грешките во последните 10-тина минути ги чинеа победа.

Ракометарите одлично го започнаа натпреварот, со головите на Талески и Кузмановски поведоа со 0:2. Клима во четвртата минута го постигна првиот гол за Чешка, но потоа следеше нова серија на Македонија од три гола по ред водство од 1:5 по десет минути игра.

Чесите се обидоа да се вратат во игра со два гола преку Клима и Бабак, но Кузмановски го прекина постот од шест минути без гол и Македонија има водство од 3:6. Предноста од три гола се одржуваше во наредните пет минути по што со голот на Кирил Лазаров во 20. минута, Македонија има дојде до плус четири (5:9). Домаќинот даде два гола и дојде до 7:9, но Стоилов ја враќа предноста од плус три (7:10) која до крајот на првиот дел, рутински ја одржуваа и на одмор заминаа со 10:13.

Второто полувреме започна одлично за избраниците на селекторот и капитен Кирил Лазаров, за четири минути беа постигнати четири гола преку Георгиевски, Марковски, Талески и токму Лазаров за најголемо водство од плус седум (10:17) за Македонија.

Домаќините првиот гол во второто полувреме го постигнаа во 35. минута преку Бабак, потоа погоди и Пирох, но Георгиевски погодува за 12:18 во 38 минута.

Чешка благодарение на голанот Томаш Мрква кој одбрани два пенали во само неколку минути, дојде до 15:19 во 43 минута, а притоа ги остави македонските ракометари цел пет минути без постигнат гол.
Постот го прекина Гоце Георгиевски со својот петти гол за 15:20, но Чесите во следниот напад возвратија преку Холева.

Македонија ја врати предноста на плус шест со голотите на Стоилов и Кузмановски, но Чесите постигнаа два брзи гола за 18:22 во 51 минута. Лазаров во 52 минута постигна важен гол со играч помалку за 18:23, но Чесите не се предадоа и постигнаа два гола за 20:23.

Грешката во нападот на Лазаров, Чесите не ја искористија, а Миркуловски со цепелин погодува за 20:24 во 54. минута.

Чесите не се предаваа, преку Хрштка и Кашпарек постигна два гола и во 57. минута и дојдоа до 22:24. Македонија погреши во нападот, а тоа го искористи Бабак на две минути до крајот да намали на 23:24 по што Лазаров мораше да повика тајм-аут.

Мрква ја имаше 15 одбрана, но Чесите во желба да дојдат до израмнување погрешија и Македонија го имаше нападот во последната минута. Но шутот на Лазаров од девет метри заврши во стативата со што им овозможи на домаќините да го имаат последниот напад. Во него, Кашпарек погоди на 10 секунди до крајот за конечни 24:24.

Најдобар кај Македонија беше Филип Талески со пет постигнати голови, Лазаров и Гоце Георгиевски дадоа по четири, Кузмановски и Стоиов постигнаа три, додека Никола Митревски имаше 11 одбрани. Во редовите на Чешка, по пет гола дадоа Хрштка и Клима, а на голот одличен беше Мрква со 18 одбрани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот