Ракометарите играат за Светско првенство, со победа над Чешка да се испратат Лазаров и Миркуловски во репрезентативна пензија

Најдобрите македонски ракометари ќе имаат голема поддршка за реваншот со Чесите/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва (19 часот) пред 7.000 навивачи против Чешка во СЦ „Борис Трајковски“ го игра реванш натпреварот за пласман на Светското првенство 2023 година.

Ракометарите имаат активен резултат, 24:24 иако можеа вечерашната пресметка да ја дочекаат со неколку гола позитива.

Освен што ова е одлучувачки натпревар за пласман на СП во Полска и Шведска, дуелот против Чешка ќе биде последен во репрезентативниот дрес за две ракометни легенди, Кирил Лазаров и Филип Миркуловски. Лазаров и Миркуловски се неизоставен дел од најголемите успеси на македонската репрезентација во последните 15-тина години и сакаат со победа да се простат од репрезентативниот дрес.

– Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да имаме среќен крај, да победиме и да се пласираме на Светското првенство. Одигравме добар натпревар во Чешка иако испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство – изјави Миркуловски.

Мотив плус за ракометарите пред дуелот со Чешка е што четири од петте натревари кои се играле во Скопје завршиле со триумф на Македонија, а само еден натпревар завршил без победник во 1995 година.

На последните два натпревари во Скопје, Македонија оствари убедливи победи од 33:20 во квалификации за ЕП 2017 и од 34:27 во баражот за пласман на СП 2017.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот