Радио-телевизија БиХ / Фото: принтскрин

Радио-телевизија БиХ престана да емитува програма – црн екран на јавниот сервис

Радио-телевизија Босна и Херцеговина (BHRT) денес престана со емитување на својата програма, а медиумската компанија појасни дека ова е единствениот начин да предупредат на драматичната ситуација во која се наоѓа јавниот сервис поради натрупаните долгови, пренесе Кликс.ба.

На телевизиските екрани на фреквенцијата на која ја емитува програмата телевизијата БХРТ од 7 часот, може да се види само известувањето дека емитувањето на програмата е прекинато не по волја на вработените, туку поради долгогодишно непочитување на законите на Босна и Херцеговина.

„За да се продолжи со работата, потребна е итна реакција на Парламентот на Босна и Херцеговина, Советот на министри и Канцеларијата на високиот претставник (OHR)“, се вели во известувањето.

Според достапните информации, рокот даден од Европската радиодифузна унија (EBU) на БХРТ, за подмирување на долг во износ од повеќе од 11 милиони евра, истекува за два дена, по што ќе следи блокирање на сметката.

„Рокот за намирување на долгот кон ЕБУ истекува за два дена, по што постапката за извршување на побарувањата ќе продолжи со долгорочно блокирање на сметките на БХРТ. Во исто време, во тек се судски и извршни постапки, што доведува до пократки блокирања на сметките на БХРТ секој ден. Во случај на најавено блокирање на сметките, понатамошното функционирање на БХРТ би било сериозно загрозено, вклучително и ризикот од целосно прекинување на работата“, се вели во соопштението на Управниот одбор на БХРТ, кое беше доставено до медиумите.

РТРС е најголемиот должник

Вкупниот долг на БХРТ всушност е значително поголем и надминува износ од 50 милиони евра, а со години медиумската куќа безуспешно предупредува дека дошле до неодржлива ситуација бидејќи, како што наведува, другите одбиваат да ги исполнат своите финансиски обврски кон нив, со што директно го кршат законот.

Најголем должник е Радиотелевизија Република Српска (РТРС), јавен сервис на ниво на ентитет, кој со години одбива да го насочи задолжителниот дел од претплатата кон државниот јавен сервис и го задржува целиот наплатен износ за себе.

Постојниот закон предвидува јавните служби на ентитетот да задржат 25 проценти од собраните претплати, додека БХРТ добива 50 проценти. На овој начин, РТРС се задолжи кон БХРТ во износ поголем од 53 милиони евра, а и покрај обврзувачките судски пресуди во корист на БХРТ, РТРС никогаш не вратил ништо од тој долг.

„Така, Радио-телевизијата на Босна и Херцеговина, јавен РТВ сервис, е доведена во ситуација каде што нејзиното функционирање зависи од одлуки кои не се во нејзина надлежност“, истакна БХРТ. Тие сега бараат од државните власти итна финансиска интервенција за надминување на сегашната ситуација, но и трајно решение со обезбедување доследно почитување на законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот