Работници од „Џонсон мети“: Имаше протести, а можен е и штрајк

Џонсон мети, Фото: Архива

Според писмото од вработените, со нови мерки, новиот директор им ја скратил платата од 4.000 до 5.000 денари. Директорот Борозанов пак, вели дека ништо од обвинувањата не е точно

Вработени во  компанијата „Џонсон мети“ испратија писмо до редакцијата на „Слободен печат“ во кое обвинуваат дека „по промената на позицијата директор од странец во Македонец, компанијата „Џонсон Мети“ е доведена до потенцијален распад“ и дека веќе имало протести во компанијата, а можен е и штрајк.

Според вработените што го испратија писмото, новиот директор Боријан Борозанов им ја скратил 13-тата плата, над одреден лимит не дозволува платена прекувремена работа, туку само компензација со слободни денови кога тој ќе ги одобри, а тврдат и дека денот недела нема да биде платен како што е според новиот закон.

„Овие нови мерки допринесоа операторите да имаат 4 -5 илјади денари пониска плата. Откако мерките стапија на сила вработените револтирани почнаа со стопирање на производниот процес со цел да се чуе нивниот глас. На 15  јануари се случи првиот протест кога работниците во прва смена одлучија да го стопираат производството бидејќи им се скратени сите права и бенефиции“, пишува во писмото во кое се објаснува дека протестот траел два дена и дека вработени од повисокиот менаџмент кои им дале поддршка биле избркани од работа.

„Слободен печат“ побара став од директорот Борозанов, во врска со наводите во писмото од работниците.

– Ништо од ова не е точно. Во моментов сум на состаноци со странски партнери, но дополнително стојам на располагање и за подетален одговор – ни одговори Борозанов.

Британската компанија „Џонсон Мети” е светски лидер во производство на катализатори за автомобилска индустрија и катализаторски системи за контрола на загадувањето.Во Македонија во компанијата има над 800 вработени и таа е најголемиот извозник во државата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот