Пуштена првата фаза од булеварот „Македонија“, во сила стапува нов сообраќаен режим
Како дел од измените, на улицата „11 Октомври“ е извршено и стеснување на коловозот. Наместо досегашните три сообраќајни ленти, по поставувањето на нова жардиниера, сообраќајот ќе се одвива по две ленти.
Од денеска официјално започнува нов сообраќаен режим во Центар, поточно се пушта во употреба првиот дел од булеварот „Македонија“.
Препорачано
Сообраќајот од Јужен булевар кон Кисела Вода ќе се одвива по улицата што минува покрај кафеаната „Ив“, која од денеска е еднонасочна. На крајот од улицата е поставен нов семафор за свртување лево на булеварот „11 Октомври“, а има и посебна лента за десно со која возачите би се приклучиле на булеварот „Борис Трајковски“, каде 50-тина метри подолу има семафор за свртување лево кон улицата „Есенинова“ во правец кон Аеродром и Железничка станица.

Промени има и на улицата покрај објектите на Државниот пазарен инспекторат, која води кон Тутунски комбинат, на местото познато како „Рампа“. Иако претходно беше двонасочна, оваа улица отсега ќе биде еднонасочна и ќе функционира со обратна насока на движење.
Тоа значи дека од Јужен булевар повеќе нема да биде дозволено свртување лево кон Аеродром и Тутунски комбинат, туку кон Аеродром ќе се вози преку улицата „Есенинова“.
Според новиот сообраќаен ред, возилата ќе се движат во правец од Тутунски комбинат кон Јужен булевар, со директен влез во подземната сообраќајница, кога таа ќе биде пуштена во употреба.

Како дел од измените, на улицата „11 Октомври“ е извршено и стеснување на коловозот. Наместо досегашните три сообраќајни ленти, по поставувањето на нова жардиниера, сообраќајот ќе се одвива по две ленти.
Како што соопштија од ЈП „Улици и патишта“, од вчера се веќе пуштени во функција новите семафори на крстосниците помеѓу булевар „Македонија” со улица „11-ти Октомври” и улица „Пролет” и на крстосницата булевар „Македонија” со булевар „Борис Трајковски”.



