Првиот возрасен пациент ја прими новата „жива терапија“ за леукемија во Британија: каков е овој револуцонерен лек?
Оскар Марфи ја опиша терапијата како „да е од научна фантастика“. Во клиничко испитување, 77 отсто од пациентите влегле во ремисија по третманот, а кај половина од нив немало знаци на рак по три и пол години. Во просек, терапијата им обезбедила на пациентите дополнителни 15,6 месеци живот.
Првиот возрасен пациент во Обединетото Кралство кој, во склоп на јавниот здравствен систем, доби нова и револуционерна КАР-Т (CAR-T) терапија за агресивна форма на леукемија, го опиша третманот како пресвртница во борбата против болеста, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Оскар Марфи, кој има 28 години, ја доби таканаречената „жива терапија“ за неговиот рак на крвта во Кралската болница во Манчестер. Тој ја прими првата од двете инфузии со сопствени имунолошки клетки, кои претходно биле генетски модифицирани за да го препознаат и нападнат ракот. Процесот го опиша како „да е од научна фантастика“.
Здравствената служба на Англија се согласи да ја финансира оваа имунотерапија во неколку центри низ земјата. Се очекува околу 50 пациенти годишно да имаат корист од третманот.
На Оскар му била дијагностицирана Б-клеточна акутна лимфобластна леукемија (Б-клетки АЛЛ) во март 2025 година. Тој поминал низ хемотерапија и трансплантација на матични клетки од донор во јули, но во ноември му било соопштено дека ракот се вратил.
— Леукемијата, што ја имам, е исклучително брза и агресивна. Потребен е уште побрз одговор за да се запре. А сега конечно го имаме решението — изјави Оскар.
Ракот се повлекол кај дури 77 отсто од пациентите
Во клиничко испитување, 77 отсто од пациентите влегле во ремисија по третманот, а кај половина од нив немало знаци на рак по три и пол години. Во просек, терапијата им обезбедила на пациентите дополнителни 15,6 месеци живот.
Хематологот на Оскар, д-р Елени Толуоли, изјави дека оваа терапија е побезбедна од постојните третмани, има помалку несакани ефекти и е многу поефикасна.
— Обично, овој тип леукемија е многу агресивен и возрасните пациенти не живеат повеќе од шест до осум месеци. Со оваа терапија можеме да им понудиме години живот, а потенцијално и излекување. Ова е навистина значајно и целосно го менува начинот на кој се справуваме со овој рак — вели таа.
Како функционира оваа терапија?
КАР-Т терапијата е достапна веќе неколку години за одредени видови леукемија и лимфом, но дури сега е проширена и за возрасни пациенти со Б-клетки АЛЛ, преку оваа нова форма на третман.
Минатиот месец, од Оскар биле земени Т-клетки, вид бели крвни клетки, и испратени во лабораторија во Стивениџ. Таму клетките биле „препрограмирани“ со помош на безопасен вирус, со кој се вметнува генетска секвенца што им овозможува да го препознаат ракот.
Новите површински рецептори можат да се „прикачат“ на канцерогените клетки, како клуч и брава, и да ги означат за уништување. Така тие стануваат „химерични антиген-рецептор Т-клетки“, или КАР-Т клетки, а нивниот број во лабораторија се зголемува на милиони примероци.
— Навистина е како научна фантастика, но ако тоа значи дека ракот трајно ќе исчезне и дека моите сопствени клетки ќе го направат тоа, тогаш е фантастично — вели Оскар.
По примањето на втората инфузија со 300 милиони клетки, заврши КАР-Т третманот на Оскар.
— Сакам деца и мирен и нормален живот со мојата прекрасна сопруга. Ова е мојата шанса да го остварам тоа и едвај чекам — додава тој.
Бидејќи станува збор за „жив лек“, Т-клетките што го уништуваат ракот остануваат во телото долго време и продолжуваат да се размножуваат и да делуваат и по последната инфузија.
КАР-Т терапијата ја произведува компанијата „Аутолус“, која е произлезена од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
За време на клиничките испитувања, клетките на пациентите морале да се испраќаат во лаборатории во САД.
Третманот не е баш евтин
Каталошката цена на третманот е 372.000 фунти по инфузија, но Здравствената служба на Англија има договорено доверлив попуст.
Терапијата ќе биде достапна за пациенти постари од 26 години, кај кои Б-клетки АЛЛ не реагирал на третман или повторно се појавил, во неколку центри во Англија, меѓу кои се и Кембриџ, Њукасл, Шефилд, Плимут и Лондон.
Професор Питер Џонсон, национален клинички директор за рак при Здравствената служба на Англија, изјави дека ова е „историски момент“ за луѓето со агресивен рак на крвта. Тој додаде дека е „впечатливо“ што третманот, кој сега се применува во центрите, е резултат на научни истражувања развиени токму во Обединетото Кралство.
Инаку, 29-годишниот Крис Вилијамс од Белфаст, кој ја примил терапијата во експерименталната фаза, веќе речиси три години е во ремисија.
— Пред неколку години бев многу болен, а денес можам да живеам нормален живот. Имам огромна поддршка од семејството и тие се пресреќни — вели Вилијамс.


