Дали треба да се залетате по руските вакцини против рак?
Руските вакцини против рак се експериментална терапија којашто сè уште е во развој. Сепак, постои оптимизам дека овој третман може да биде успешен за некои форми на рак.
Руските вакцини против рак во последно време создаваат големи очекувања кај некои пациенти и кај нивните семејства. Но, дали треба веднаш да се посегне по овој вид на терапија?
Препорачано
Експертите предупредуваат дека овие вакцини против рак се експериментална терапија и сè уште се во развој. Сепак, постои оптимизам дека овој третман, кој не е прв од својот вид, може да биде успешен за некои форми на рак.
Експертот за молекуларна биологија и генетика, д-р Горан Кунгуловски, објаснува за „Слободен печат“ дека овие терапии не се вакцини во буквалната смисла на зборот, односно не спречуваат рак кај здрави луѓе, туку се терапија за пациенти коишто веќе имаат канцер.
Овие „вакцини“ се базираат на ковид-вакцините
Овие терапии започнуваат со откривање на конкретниот вид на туморот на пациентот, односно се врши генетско секвенционирање на туморот. Целта е да се откријат уникатни генетски промени коишто водат до специфични промени кај туморот што ги нема во здравото ткиво. Клетките на канцер имаат одредени молекули, кои имуниот систем може да ги препознае, а потоа да ги нападне. Во оваа фаза се наоѓаат тие молекули, наречени и неоантигени.
Србин замина во Москва за да ја прими новоодобрената руска вакцина против рак
— Информацијата за напад кон овие неоантигени се кодира во мРНК молекули, кои се вбризгуваат во пациентот и го поттикнуваат имуниот систем да ги нападне туморните клетки што ги носат тие неоантигени — објаснува д-р Кунгуловски.
Со други зборови, терапијата не внесува лек што директно го уништува туморот, туку го „подучува“ имуниот систем да го направи тоа што природно е создаден да го прави, односно да напаѓа клетки кои не се дел од организмот, како што се вирусите, па и клетките на рак кои повеќе не се исти како нормалните клетки. Оваа терапија се базира на истите принципи на кои се базираат ковид-вакцините.
— Овие препарати се базирани на истата технологија на којашто се базирани и мРНК вакцините за Ковид-19. Или со други зборови, овие вакцини произлегоа од научните истражувања за канцер вакцините. Разликата е во тоа за Ковид, целта беше шилестиот протеин од САРС-КоВ-2 вирусот (односно еден неоантиген) и тој се применуваше генерално во целиот свет бидејќи таргет беше еден вирус. Во случајот со малигните тумори, се таргетираат десетина неоантигени по пациент. Тоа е како за секој пациент да се прават десет нови вакцини — објаснува Кунгуловски.

Овие терапии се персонализирани, односно уникатни за секој пациент, објаснува тој, а за нивна изработка се потребни неколку недели и затоа се исклучително скапи.
Токму затоа, додава Кунгуловски, тенденцијата е да се откријат пошироко применливи неоантигени, специфични за одреден тип на канцер, кои би можеле да се користат кај поголем број пациенти.
Русите се поназад од другите
Според јавно достапните информации, руските проекти се наоѓаат во претклиничка фаза или во прва фаза на клинички испитувања, без транспарентно објавени резултати од поголеми клинички студии.
— Нема доволно јасни научни и клинички податоци врз кои може да се донесат веродостојни заклучоци — нагласува Кунгуловски, додавајќи дека во ова поле значително понапред се компаниите „Модерна“ и „Бајо ен тек“ кои веќе имаат студии во фаза 2 и фаза 3.
Дали вакцините против рак се опасни?
Ефикасноста на овие терапии, објаснува експертот Кунгуловски, не може да се процени сè додека не се заврши фаза 3 клиничките испитувања, а резултатите ќе зависат од типот на канцерот.
Во однос на безбедноста, Кунгуловски вели дека профилот на вакцините за рак е генерално добар, со вообичаени несакани реакции како црвенило, оток, покачена температура и замор.
Посериозни ризици може да се јават кога овие терапии се комбинираат со други видови имунотерапија, при што имуниот систем може да ги нападне и здравите органи.
Што им се препорачува на пациентите?
Експертот Кунгуловски им препорачува на пациентите да внимаваат и задолжително да се консултираат со онколог.
— Многу типови на канцери се третираат доста ефикасно со стандардно поставените терапии согласно препораките од светските друштва за онкологија. Овие нови терапии, коишто се во фаза на развој, се соодветни за пациенти со доцен стадиум на болести кај одредени типови на канцери како меланом, канцер на бели дробови, канцер на дебело црево, панкреас и слично. Како што се одвиваат сѐ повеќе и повеќе клинички студии и како што се потврдува нивната ефикасност, така овие вакцини ќе влегуваат во соодветните препораки за третман и можеби во некоја блиска иднина голем дел од туморите ќе се третираат на овој начин — објаснува експертот.
Сепак, тој смета дека иднината е оптимистична за овие терапии.
Инаку, македонските граѓани со малиген меланом можат да контактираат српски лекар кој соработува со руските изумители на вакцината против рак и доколку ги исполнуваат строгите критериуми, тогаш може да се создаде пат за дијагностика и третман, посочи неодамна професорот на Медицинскиот факултет во Крагуевац, проф. д-р Владимир Јаковљевиќ, кој е соработник на тимот што ја развива руската вакцина за рак.
Србин замина во Москва за да ја прими новоодобрената руска вакцина против рак


