Фото: PICRYL

Русија ја носи својата вакцина против рак во Србија – вештачка интелигенција ќе ја прилагодува терапијата за секој пациент

Српскиот министер Ненад Поповиќ изјави дека руската вакцина против онколошки заболувања се развивала со години и успешно ги завршила сите тестирања врз животни, при што постигнала стопроцентен успех. Во наредните недели се очекува руското Министерство за здравство да ја одобри нејзината примена кај пациенти.

По Русија, Србија би можела да стане првата земја во која пациентите ќе добиваат персонализирана мРНК вакцина против онколошки заболувања, изјави за РТС министерот без ресор во Владата на Србија, задолжен за меѓународна економска соработка, Ненад Поповиќ, објави „Нова“.

Вакцината против онколошки заболувања се развиваше со години во Русија и ги помина сите фази на испитување врз животни, каде што, тврди Поповиќ, е постигнат стопроцентен успех. Се очекува во наредните недели руското Министерство за здравство да ја одобри нејзината примена врз пациенти.

Минатата недела во Србија престојуваше висока делегација на Руската Федерација, предводена од академиците Александар Гинцбург, директор на Институтот „Гамалеја“, и Андреј Каприн, главен онколог на Русија и директор на најголемиот онколошки центар „Герцен“. Делегацијата ја сочинуваа и претставници на Министерството за здравство и Рускиот фонд за директни инвестиции, а на крајот од посетата ги прими и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Разговаравме за сите аспекти на идната соработка, вклучително и за можноста Србија да се вклучи во примената на оваа револуционерна вакцина“, изјави Поповиќ за РТС.

Вакцината против онколошки заболувања се развиваше со години во Русија и ги помина сите фази на испитување врз животни, каде што, како што истакнува Поповиќ, е постигнат стопроцентен успех.

Се очекува во наредните недели Министерството за здравство на Русија да ја одобри нејзината примена кај пациенти.

Терапија со помош на вештачка интелигенција

Вакцината засега е наменета за лекување меланом и одредени видови рак на белите дробови, но се развиваат повеќе варијанти и за други облици на рак. Станува збор за персонализирана терапија што се создава индивидуално за секој пациент, врз основа на неговиот генетски профил.

„Се зема генетски материјал од пациентот и се спојува со ткивото во кое се развил туморот. Со помош на најнови математички модели и на вештачка интелигенција, за само седум дена се добива вакцина наменета токму за тој пациент“, објасни Поповиќ.

Според академиците Гинцбург и Каприн, вакцината покажала исклучителни резултати дури и кај пациенти во напреднати стадиуми на болеста, вклучително и со метастази.

„Порано ваквите процеси траеја и по шест месеци, а сега, благодарение на новите технологии, од дијагностика до добивање на вакцината поминуваат само неколку недели“, додаде Поповиќ.

Србија е во план за 2026 година

Според договорот меѓу претседателите Владимир Путин и Александар Вучиќ, Србија ќе биде меѓу првите земји што ќе се вклучат во примената на оваа терапија.

„Планирано е нашите пациенти веќе следната година да можат да ја добиваат оваа вакцина, веднаш по руските пациенти“, рече Поповиќ.

Формирана е работна група што ќе ги подготви инфраструктурата и медицинскиот кадар, а до крајот на годината делегација од српски експерти по медицина, микробиологија и од Институтот „Торлак“ ќе престојува во Москва. Таму ќе се запознаат со целиот процес – од земање на генетскиот профил до производство на персонализираната вакцина.

„Нашата цел е најголемиот дел од дијагностиката да се изведува во Србија, а самата вакцина да пристигнува од Русија преку ладен транспорт, како што беше за време на пандемијата на ковид“, изјави Поповиќ, додавајќи дека до крајот на 2026 година вакцината би можела да се произведува и во Србија, во Институтот „Торлак“.

Што се вакцините против рак?

Според официјални изјави, во Русија моментално се развиваат неколку различни вакцини против рак.

Една од нив е „Ентеромикс“ (Enteromix), која користи вируси за напад на тумори. Друга користи мРНК технологија.

Овие мРНК вакцини функционираат така што во телото внесуваат генетски инструкции, кои му кажуваат на организмот да произведува специфични протеини. Откако тие протеини ќе се создадат, имуниот систем реагира и создава антитела, што го подготвува телото да се бори со реалниот патоген, објаснуваат експертите.

Овој пристап беше применет уште во 2020 година во вакцините Фајзер – Бионтек и Модерна против Ковид-19.

Но, како што објаснува д-р Патрик От од Медицинскиот факултет на Харвард, развојот на вакцини против рак е многу посложен отколку развојот на ковид-вакцини, поради разновидноста и сложеноста на канцерогените клетки.

Според д-р Ленард Ли од Универзитетот Оксфорд, процесот на развој и одобрување на вакцини секогаш минува низ строги, повеќестепени фаз, односно претклинички тестови – лабораториски и врз животни, за проверка на безбедност и имунолошки одговор. Потоа следува Фаза 1, односно тестирање безбедност и дози кај мала група луѓе. Во Фаза 2 се применува пошироко тестирање за првични клинички резултати. Во третата фаза се вршат големи, контролирани испитувања кај стотици или илјадници пациенти за потврда на ефикасност и долготрајност.

Само по ова внимателно постапување, може да се добие вистинска потврда дека вакцината е безбедна и ефективна.

Што е познато за руската вакцина „Ентеромикс“?

Иако руската агенција објави во септември 2025 година дека „вакцината е подготвена за употреба“, тоа најверојатно се однесува на завршена претклиничка фаза, а не на вистинска клиничка употреба. Во јуни 2025 година, руското Министерство за здравство најави дека започнало Фаза 1 клиничко испитување со 48 волонтери.

Д-р Ли објаснува дека ваквиот број учесници посочува на фактот дека станува збор за многу рана фаза и дека оваа терапија е далеку од докажана ефикасност или достапност на пазарот.

Тврдењата за „100 отсто ефикасност“ се нереални

Иако руските власти зборуваат за „висока ефикасност“ во намалување на туморите за 60–80%, ниту една изјава не тврди дека вакцината е целосен лек за сите видови рак.

Во моментов не постои терапија против рак што обезбедува 100 отсто излекување. Тврдењето дека вакцината целосно го лечи ракот едноставно не е веродостојно,“ вели доктор От.

Иако постоеле изјави дека третманот би можел да биде бесплатен за пациентите во рамки на државниот систем, нема докази дека вакцината е одобрена или пуштена во употреба.

Според д-р Ли и д-р От, развојот на вакви вакцини бара строга контрола, ладен транспорт и долги испитувања, што ја прави идејата за „бесплатна и веднаш достапна вакцина“ во 2025 година нереална.

Споредба со западните истражувања

За споредба, американската вакцина мРНК-4157, развиена од „Модерна и Мерк“ веќе повеќе од шест години е во клинички испитувања и сè уште не е одобрена за широка употреба.

И покрај тоа што има статус на „Револуционерна терапија“ (Breakthrough Therapy) од ФДА, процесот вклучува илјадници учесници во Фаза 3 и текот на испитувањата е транспарентен и рецензиран во научни списанија.

Истражувањето на руските вакцини против рак, вклучувајќи го и „Ентеромикс“, навистина покажува потенцијал, се вели во анализата на француската новинска агенција АФП.

Но, тврдењата дека вакцината е „готова“, „бесплатна“ и „лек за сите видови рак“ се неосновани и погрешни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот