Први април – Денот на шегата: маски, хумор и детска радост низ Скопје
Први април – Денот на шегата, ширум светот се одбележува како ден посветен на хуморот, смеата и безопасните шеги. И кај нас традиционално, најмладите маскирани во своите суперхерои и ликови од цртаните филмови утрово можеа да се видат како возбудено и радосно се движеа низ градот, создавајќи ведра и шарена атмосфера.
Препорачано
Градот оваа година повторно ќе биде исполнет со детска радост на манифестацијата „Априлијада“. ЈУ Детски културен центар „Карпош“, под покровителство на Град Скопје, денеска со почеток во 10:30 часот во Градски трговски центар ја организира традиционалната детска програма.
Настанот вклучува ревија на маскирани деца од градинки и основни училишта, танцови точки, настапи на балетската секција при ДКЦ „Карпош“, солисти од ЗОО Азбука, студијата Бреак А Лег и Марбал, како и „Златните славејчиња“.
Посебна атракција за посетителите ќе бидат настапите на кловнови, маскоти од познати цртани филмови како и пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор ќе создадат вистинска карневалска атмосфера и ќе ја раздвижат публиката.
За крај, публиката ќе ужива во сегменти од детскиот мјузикл „Аладин и волшебната ламба“ изведени на македонски јазик од студиото Бродвеј јуниор.
Настанот е наменет за деца, родители и поширока јавност, со цел да ја поттикне детската креативност, уметничкиот израз и духот на заедништво. Едноставно, „Априлијада“ е забава за сите генерации.


