Прв триумф на кошаркарите на Пелистер во АБА 2 лигата

фото: kfsm.mk

Иако имаше постојано водство, македонскиот кошаркарски клуб Пелистер стравуваше за триумфот против Широки до последните секунди, на крајот дојде до минимален триумф од 74:72.

Во доста израмнет меч во кој има битолската екипа имаше предност и од 13 поени во последниот период, остана присебен по серијата од 12:0 на противничката екипа и стигна до заслужен триумф, прв во новата сезона во АБА 2 лигата.

Во салата „Боро Чурлевски“ постојана предност имаа играчите на тренерот Александар Петровиќ. На полувремето беа во позитива од четири поени (37:33), а на истекот на третиот предност од „плус пет“ (55:50).

А одлично го отворија оној последен период кошаркарите на Пелистер. Со серијата од 6:0 стигнаа и до двоцифрена позитива (61:50). За во средината на таа последна четвртина да имаат и уште повисоки 67:54.

Но, гостите успеаја да се вратат со своја серија од 12 неодбранети поени, доволно да се доближат на само еден поен негатива (66:67). Серијата ја прекина Антоан, за 69:66. Но, беше извесно дека последните две минути од мечот во Битола ќе бидат драматични.

Истиот играч погоди уште еднаш за Пелистер да се одвои на четири поени (71:67). А многу среќа имаше Мишковиќ во неговиот обид вреден три поени, кој се чини беше и пресудниот момент од претпоследната минута од играта.

Токму двоецот Антоан-Мишковиќ беше „добитната комбинација“ за Пелистер на оваа средба. Беа „двоцифрени“ (искомбинираа 29 поени, а свои поентерски мигови имаа и Бојиќ (девет реализации), но и Стајиќ, Костоски и Едвардс (додадоа по осум).

Во наредното, второ, коло од групата „Ц“, на 15 октомври, „зелено-белите“ гостуваат во Подгорица, каде ги чека дуелот против истоимената екипа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот