Протоколот за настава не важи за училиштата за странски јазици
Протоколите за почеток на новата учебна година кои важат за основните и средните училишта, не важат и за приватните училишта за странски јазици. Дел од сопствениците на овие училишта се пожалија дека не добиле одобрување за отворање на училиштата.
Препорачано
Фанија Стошиќ Николовска, директорка на „Лингвафан“, вели дека ги имаат обезбедено сите неопходни мерки за работа со деца во услови на пандемија, но се уште не можат да распишат упис и да почнат со работа.
– Не знам зошто е во прашање ваков застој на нашите училишта. Ние имаме многу помал број на ученици, за разлика од државните школи, имаме можност да организираме настава, а сепак, сме спречени да работиме, се пожали Николовска.
За овој проблем одговор побаравме од Комисијата за заразни болести, во чија надлежност е отворањето на учлиштата за странски јазици.
Доктор Жарко Караџовски, претседател на Комисијата, е согласен дека приватните училишта за странски јазици имаат значително помал број на ученици во една група, но вели, треба да се достави предлог протокол за работа.
-Училиштата за странски јазици можат да почнат со настава дури и пред 1 октомври, но само со добиена дозвола од Комисијата за заразни болести. Сите кои ги исполнуваат условите за работа во услови на пандемија можат да работат.Тие што го доставија предлог протокол до Комисијата за заразни болести добија одобрение да почнат со работа. Тие што се уште немаат доставено барање, нека го направат тоа, и нема да биде проблем да им се даде дозвола, од причини што приватните училишта за странски јазици имаат значително помал број на ученици во една група. Важно е да имаат опрема, простор, и кадар, а во училница да не бидат повеќе од 20 деца, објасни Караџовски.


