Против Косово без публика: УЕФА даде зелено светло, но здравствените протоколи во Македонија не дозволуваат навивачи на стадионите

Фото: Инстаграм

Полуфиналниот бараж натпревар од Лигата на нации помеѓу Македонија и Косово кој треба да се игра на 8. октомври на Националната Арена „Тодор Проески“ дефинитвно ќе се игра без присуство на навивачи.

Иако претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, вчера потврди дека е дозволено враќање на навивачите на трибините до 30 проценти од капацитетот на стадионите, македонските навивачи сепак нема да можат да ги бодрат фудбалерите во еден од најважните натпревари за репрезентацијата кој може да не донесе на само еден натпревар од пласман на Европското првенство кое ќе се одржи идната година.

Причина за ова е одлуката на здравствените власти во Македонија да не дозволат присуство на гледачи на спортски натпревари поради состојбата со коронавирусот со што фудбалерите ќе останат без толку потребната поддршка на овој значаен натпревар.

Да, УЕФА дозволи присуство на навивачи на трибините до 30% од капацитет на стадионите, но нагласи дека треба да се почитуваат одлуките на здравствените власти во државите. Кај нас, на натпреварот против Косово нема да има навивачи бидејќи државните протоколи имаат приоритет пред одлуката на УЕФА и тие не дозволуваат да има публика на трибините. Ние ќе ја почитуваме оваа одлука и ќе почнеме да им ги рефундираме парите на сите кои купиле билети за натпреварот против Косово – вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.

Селекторот Игор Ангеловски утре ќе го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за натпреварот против Косово и на него речиси сигурно ќе се најдат и капитенот Горан Пандев и Елиф Елмас. Двајцата репрезентативци минатиот викенд играа меѓу себе по што потоа беше објавено дека дури 14 фудбалери и членови на стручниот штаб на Џенова се позитивни на коронавирус. Но, за наша среќа ниту Пандев, ниту Елмас не се позитивни.
– И Елмас и Пандев се негативни на тестовите и како што стои работата до овој момент, тие ќе бидат на списокот – вели Андоновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот