Протестен марш на гостиварци против поскапувањето на струјата

Поголема група гостиварци вечерва одржа протестен марш незадоволни од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемувањето на цената на електричната енергија за 7,4 проценти. Маршот го организираше навивачката група „Кастриоти”.

Целта на протестот е да се истакнат нивните барања: да се повлече одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, да се намали цената до 20 проценти, да се укине монополот на услугите на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се создаде независен арбитражен трибунал во служба на граѓаните кој ќе го проверува квалитетот на услугите од областа на енергетиката.

Со транспаренти за намалување напишани на албански јазик, знамиња на Република Албанија и скандирање повеќе стотина граѓани поминаа од Центарот за култура до градскиот плоштад.

Егзон Азизи од навивачката група „Кастриоти”, кој го предводеше маршот посочи доколку не се исполнат нивните барања од четири точки, протестите ќе бидат радикализирани.

– Бараме овие четири услови да бидат прифатени што е можно поскоро, во спротивно нашите протести ќе бидат масовни и радикализирани сè до реализацијата на нашите барања, рече Азизи во обраќањето ги повика граѓаните да разотидат мирно и да не стојат во група заради условите наметнати од пандемијата.

Протестот кој траеше петнаесетина минути помина без инциденти и под надзор на полициски службеници со почитување на растојание и носење на маски. На протестот беше и градоначалникот Арбен Таравари кој нагласи дека е дојден како граѓанин, а не како политичар.

Следниот протест е најавен кон средината на идната недела, а протестирачите дадоа рок од две недели за реализација на нивните барања. Вакви и силни протести вечерва имаше и во Тетово, скопски Чаир, Куманово и Дебар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот