Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за здравство: Учесниците побараа оставки од Филипче и Заев

Фото: МИА

Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Министерството за здравство организираше протест под мотото „Да го измиеме срамот на Филипче”.

Учесниците на протестот побараа оставки од премиерот Зоран Заев и од министерот за здравство Венко Филипче. Според нив, општите болници низ земјава се полни и немаат основни медицински средства, медицинските лица купуваат опрема и работат до исцрпување.

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата изјави дека е потребно да се обезбедат вакцини против КОВИД-19 и оти до денеска имаме загубено 4.150 граѓани во земјава. Посочи дека на втори февруари се тргнаа сите пречки во Законот за јавни набавки за, како што рече, луѓето кои седат во Министерството да почнат со набавка на вакцини. Според него, 60-тина дена по тоа, ниеден закон не е поминат и тоа, како што рече, не е поради опозицијата, туку поради власта, бидејќи Заев ги примора неговите пратеници да му гласаат доверба.

-И поради неспособноста на власта, ние граѓаните понижени чекаме пред граничните премини на нашите соседни држави да го бараме спасот таму за вакцини – рече Стојаноски.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова упати критики за работата на Филипче. Таа изјави дека работата на Филипче треба да се темели врз Законот за здравствена заштита и додаде оти секојдневно се кршат членовите 2 и 3 од овој закон.

-Вашата неспособност за менаџирање го загрозува здравјето на обичниот граѓанин, па денес во Македонија имаме рекордна смртност од 4.108 луѓе како последица на КОВИД-19. Според вчерашниот извештај на „Економист”, Македонија са наоѓа на трето место по смртност во светот. Полоши сме дури и од Италија во моментов, изјави Панова и додаде дека се крши членот 6 или начелото на достапност со кое здравствената заштита треба да биде географски, физички и економски достапна.

На протестот се обратија и Владимир Нелоски, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како и претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот