Одложена историската мисија кон Месечината, пропадна мартовското лансирање на „Артемис II“
Четворица астронаути ќе мора да почекаат уште извесно време пред да тргнат на својата историска мисија кон Месечината, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Нивната ракета „Спејс лонч систем“ вчера, на 25 февруари, беше вратена од лансирната рампа 39Б во зградата за склопување летала во Вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во Флорида. Инженерите таму ќе работат на отстранување на проблемот на горниот степен од ракетата, дел што не е достапен додека леталото се наоѓа на рампата.
Ова претставува ново одложување за мисијата „Артемис II“, која треба да ги испрати астронаутите на НАСА – Рејд Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох – како и астронаутот на Канадската вселенска агенција, Џереми Хансен, на десетдневно патување околу Месечината и назад кон Земјата. Првично беше планирано лансирањето да се случи на 6 март, но дефект во протокот на хелиум го одложи полетувањето најрано за април.
Проблемот со хелиумот бил откриен ноќта меѓу 20 и 21 февруари, еден ден по завршувањето на таканаречената „мокра генерална проба“, при која ракетата целосно се полни со гориво и се симулира одбројување до лансирање. Тоа беше втор ваков тест, но прв што беше оценет како успешен. Првиот тест, на 2 февруари, беше прекинат поради истекување на течен водород при полнењето на главниот степен, по што системот автоматски го прекина одбројувањето.
Според администраторот на НАСА, Џеред Ајзакмен, тимот не успеал да воспостави проток на хелиум за време на рутинската процедура за испирање и повторно зголемување на притисокот во меѓустепениот криоген погонски модул.
И мисијата „Артемис I“ во 2022 година се соочи со повеќекратни технички проблеми, вклучително и упорно истекување на водород, што доведе до неколкумесечни одложувања пред конечното лансирање во ноември. Сега НАСА се обидува да избегне повторување на ваквите сценарија, а Ајзакмен наведе дека се преземени корективни мерки за да се намали можноста за слични проблеми кај „Артемис II“.
Новиот лансирен прозорец се отвора на 1 април, со дополнителни можности за полетување од 3 до 6 април.
НАСА ќе ја лансира мисијата „Артемис II“ кон Месечината на 6 март


