Пронајден изгубен ракопис од деветти век со најстарата позната песна на англиски јазик
Во архивите на Националната централна библиотека во Рим е пронајден редок ракопис од деветти век што содржи копија од најстарата позната песна на англиски јазик – „Химната на Кедмон, дело што со векови се сметало за изгубено, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Откритието го направиле двајца научници од Тринити колеџот во Даблин, д-р Елизабета Мањанти и д-р Марк Фокнер, кои го проучувале дигитализираниот материјал од римската библиотека. Подоцна отпатувале во Рим за лично да го прегледаат древниот документ.
„Химната на Кедмон“ е кратка поема од девет стиха, создадена во 7 век. Според историските записи, нејзин автор бил Кедмон – сточар од Витби, во северна Англија, кој, според легендата, добил божествена инспирација во сон и потоа ја создал песната во чест на Бога и создавањето на светот.
Поемата преживеала благодарение на тоа што била вметнувана во копии од делото „Црковна историја на англискиот народ“ (Ecclesiastical History of the English People), латинска хроника за историјата на Англија напишана во 8 век од монахот и светец Беда Почитуваниот.
Новопронајдената копија е особено значајна бидејќи е создадена во 9 век во бенедиктинската опатија Нонантола во северна Италија – еден од најважните центри на средновековната ученост. Монах внимателно ја препишал поемата во рамките на ракописот на Бедината историја.
Со текот на времето, документот исчезнал од научните кругови и се сметало дека е засекогаш изгубен. Но, неговата дигитализација овозможила повторно да биде откриен.
„Ова е едно од најважните откритија поврзани со Бединиот текст во последните децении“, изјавил д-р Марк Фокнер, професор по средновековна литература на Тринити колеџот.
Тој објаснил дека постојат околу 200 зачувани ракописи од Бедината „Црковна историја“, но само неколку рани копии имаат исклучително значење за историјата на англискиот јазик.
Досега, најстарите познати верзии на поемата биле зачувани во Кембриџ и Санкт Петербург, каде што староанглискиот текст бил додаден на маргините или на крајот од страниците. Но, римскиот ракопис е првиот толку стар пример во кој песната е директно вклучена во главниот текст на латинскиот ракопис.
„Пред ова откритие, најраниот пример со ваков распоред потекнуваше од почетокот на 12 век. Овој ракопис е три века постар“, истакнал Фокнер.
Научниците забележале и необична интерпункција во текстот – точки и ознаки што не се појавуваат во другите познати верзии на делото.
Ова е првпат од 1920-тите години наваму да биде откриена толку рана копија од „Химната на Кедмон“, а воедно станува збор и за трет најстар зачуван текст на поемата.
Откритието отвора нови сознанија за тоа како англиските текстови се ширеле низ Европа во средниот век и потврдува дека постоеле силни културни и религиозни врски меѓу Англија и Италија.
Од Националната централна библиотека во Рим велат дека ова е доказ колку е важно дигитализирањето на ретките книги и ракописи.
„Ова може да биде само почеток на многу нови откритија што ќе произлезат од меѓународната соработка меѓу научниците“, изјавил Андреа Капа, раководител на одделот за ракописи и ретки книги во библиотеката.


