Промоција на нов роман: „Лето во кое те нема“ на Петар Андоновски

Набрзо по добивањето на Европската награда за литература за неговиот трет роман „Страв од варвари“, писателот Петар Андоновски го објави и романот „Лето во кое те нема“, кој книжевната критика го смета за прв квир роман во македонската книжевност. Романот е објавен во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“, а дизајнот на корицата е на Вања Штркова.

– Во најновиот роман Андоновски повторно ни говори за борбата да бидеш свој, а не она што другите го очекувале од тебе или оној/онаа што си мислел дека треба да бидеш. Да бидеш ти – ти, пред себе, пред оние што ги љубиш, пред оние што те љубат, пред оние што не те разбираат, пред целиот свет, тоа е предизвик за секој што се обидува да ја осознае својата мисија во светот, но и секој што упорно си го поставува прашањето „Кој сум јас?“ – констатира рецензентката Ана Мартиноска.

Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на книгите „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013, три изданија), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015, три изданија), „Страв од варвари“ (роман, 2018, две изданија).

Добитник е на наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Телото во кое треба да се живее“ и на Европската награда за литература за романот „Страв од варвари“. Неговиот нов роман ќе биде промовиран на 7 септември во „Шортбас“ во рамките на програмата на Викенд на гордоста – Скопје 2020, а промоторки ќе бидат Румена Бужаровска и Ирена Цветковиќ.

– „Лето во кое те нема“ е искрен, интимен и храбар роман, кој проникнува во најмрачните и досега неискажаните понори на нашето општество. Оваа моќна приказна, раскажана со препознатливиот питок јазик на еден од нашите најбитни современи писатели, Петар Андоновски, отвора ново, ослободувачко поглавје во македонската книжевна традиција – напиша Румена Бужаровска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 47, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот