Страјкери - оклопни возила од САД во АРМ / Фото: Фејсбук

Пристигнаа првите „страјкери“ од САД – Мицкоски најави уште инвестиции и зајакнување во одбраната

Во касарната „Страшо Пинџур“ во скопски Петровец денеска беа претставени 17 нови лесни оклопни возила „страјкер“ (stryker), набавени од Соединетите Американски Држави како дел од договорот за опремување на македонската армија со лесни оклопни возила.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека со овие возила значително ќе се зајакне капацитетот на АРМ.

– Ова за нас многу значи, ја подобрува оперативноста, ја зголемува мобилноста на самата Армија и на тој начин стануаме поконкуретни споредено со другите армии. Ние како Влада ќе продолжиме и во иднина да инвестираме во нашата македонска Армија. Сакаме да имаме целосно нова современа опрема, се разбира во рамките на можностите на буџетот и сите оние критериуми што се бараат до 2032 година да бидат од наша страна исполнети. Тоа што сега претставува минимум, ние сме многу над тој минимум – рече Мицкоски.

На прашањето каква е безбедносната состојба во државата поради војната на Блискиот Исток, Мицкоски одговори дека е стабилна и дека власта има целосна контрола.

„Стабилна, без да има одредени осцилации. Апсолутно ја имаме под контрола состојбата. Се разбира предизвици има и ќе има тоа е жива материја, динамична материја, но ние сме тука да ја следиме и да реагираме доколку има потреба од тоа“, изјави Мицкоски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека ова е еден од најкрупните проекти на одбрана и оти е многу важно да се продолжи со обуката.

– Сега стигнаа 17 страјкери, другите би требало да пристигнат до средината на летото, се надевам. Но, ќе продолжиме со сè она што е во делот на нашата модернизација. Постојано ќе има, ќе гледате вакви проекти. Јас сум благодарен на она што го гледате, зад нас може да видите и други возила што во минатото биле во гаражите, а благодарение на проектот со Америка ги ставивме во функција и другите возила – рече Мисајловски.

Тој додаде дека „она што го бара НАТО од нас е да вложуваме над дваесет проценти во модернизација и ние го правиме тоа уште повеќе“. Над 32 процента од нашиот буџет се директно за модернизација, истакна Мисајловски.

Најави уште многу проекти кои како што рече, во изминатиот период биле договорени со САД, а повеќето поминале во Собранието.

„Очекуваме следниот период дополнителни вооружувања, дополнителна опрема, беспилотни летала, опрема за специјалните единици и многу, многу проекти – рече Мисајловски.

Паралелно се водат сите процеси, додаде тој, потенцирајќи дека се дава сè од себе да имаме модерна војска.

Вршителката на должност амбасадорка на САД во земјата, Никол Бернс, истакна дека ова е важен ден за Северна Македонија и за НАТО, како и за нашата заедничка безбедност.

– Со пристигнувањето на овие пешадиски оклопни возила STRYKER и целосната испорака на 42 возила до ова лето, Северна Македонија прави вистински и видлив чекор напред во модернизација на своите воени сили и зајакнувањето на своето место во алијансата. Кофинансирана од Северна Македонија и САД преку финансирање странски војски, оваа програма покажува што можеме да постигнеме кога финансираме заедно во нашата колективна одбрана – рече в.д. американската амбасадорка.

Како што рече, преку програмата на САД за продажби на странски војски Северна Македонија добива не само напредни и интероперативни системи туку и обука за нивно ефикасно користење и одржување. – Обуката за оператори и одржување на терен, што сега е во тек во Петровец и Штип, ќе помогне овие возила да бидат подготвени кога ќе биде потребно – додаде Бернс.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот