Претседателот на Романија Никушор Дан очекува дека и новата влада ќе биде прозападна
Претседателот на Романија соопшти дека започнува неформални консултации за формирање нова влада по изгласаната недоверба на власта на премиерот Илие Боложан, изразувајќи уверување дека земјата повторно ќе добие прозападна насока, пренесува Романија инсајдер.
Препорачано
„Владата денес беше разрешена од Парламентот. Тоа не е среќен момент во ниту една демократија. Сепак, тоа е демократска одлука на Парламентот“, изјави Никушор Дан по гласањето за недоверба, со кое беше соборен кабинетот на Боложан.
Како што пишуваат романските медиуми, претседателот се обиде да ја смири јавноста и финансиските пазари, во услови на политичка криза предизвикана од изгласувањето недоверба, поддржано од Социјалдемократска партија (СДП ), поранешен партнер во владејачката коалиција, и крајнодесничарската Алијанса за обединување на Романците.
„Ги повикувам сите да останат смирени. Романија е стабилна држава, институциите функционираат и земјата има насока што ја следи“, рече Дан.
Тој дополнително нагласи дека прозападните партии во Романија сè уште имаат широк консензус околу стратешките приоритети на земјата, вклучително и западната ориентација, буџетските цели за 2026 година и клучните програми финансирани од ЕУ.
Претседателот посочи дека Парламентот минатата недела одобрил инвестиции вредни 9 милијарди евра во рамки на програмата SAFE, и покрај тековните политички тензии поврзани со гласањето за недоверба.
„Го исклучувам сценариото за предвремени избори“
Дополнително, Никушор Дан потврди дека преговорите за формирање нова влада ќе започнат наскоро и дека најпрво ќе одржи неформални консултации, пред да започнат формалните разговори откако политичките опции ќе станат појасни.
„Ќе имаме нова влада во разумен рок. Затоа го исклучувам сценариото за предвремени избори. На крајот од овие процедури ќе имаме прозападна влада“, рече тој.
Неформалните консултации со лидерите на партиите би можеле да започнат уште во среда, пренесе Диги24.
Според политички извори на кои се повикува медиумот, лидерите на партиите што беа дел од поранешната коалиција се очекува да се сретнат со претседателот, еден по друг. Целта е да ги кажат своите позиции и „да разговараат за можни владини формулации“.
Владата на Романија падна во вторникот откако Парламентот го усвои предлогот за недоверба со 281 глас, значително повеќе од потребните 233. Кабинетот на Илие Боложан ќе остане на функција во технички мандат со ограничени овластувања сè додека новата влада не добие одобрување од парламентот.
Владата беше на власт околу 10 месеци, поддржана од широка проевропска коалиција.


