Претепан секретарот на културниот клуб Цар Борис Трети во Охрид, европратеникот Ковачев тврди дека сакале и да го убијат

Протест пред клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид/ Фото: Владимир Јовановиќ

Секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид  синоќа бил претепан, јавија бугарските медиуми, а случајот го потврди и македонското МВР.

-Тројца напаѓачи почнале да го удираат секретарот на бугарскиот културен клуб, го навредувале и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во културниот центар. Веднаш ги известив бугарското и македонското МНР. Контактирав со министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи и го повикав веднаш да се позанимава со случајот, а по половина час тој ми напиша дека сите тројца напаѓачи се идентификувани, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за емисијата BulgariaOnAir.

Според него, состојбата на претепаниoт не е добра.

„Мислам дека неговите физички повреди се сериозни, но и психичките“, истакна тој.

Ковачев потсети дека пред само неколку дена во медиумите на РСМ беа дистрибуирани фотографии од оние кои учествуваа во прославата на Мара Бунева со повик „да им се згорчи животот“.

„Османи ми рече дека сите тројца напаѓачи се идентификувани. Тие не можат да останат неказнети. Предметните млади ги учеле на училиште дека Бугарите се фашистички окупатори и асимилатори. Дознав дека едно од момчињата е спортист кој освоил некоја титула. Знаеме и кои се тие формации – противници на клубот“, резимира Ковачев, додавајќи дека синоќа тој се обидел да разговара со истепаното момче, но не успеал, бидејќи жртвата е скршена вилица.

Нападот на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид бил пријавен околу 22 часот и 30 минути го потврди и македонското МВР со соопштение.

Дваесет и едно годишниот Х.П. од Охрид синоќа бил нападнат од тројца охриѓани во угостителски објект на кеј „Македонија”.

– Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија” во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид, соопшти портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

За нападот бил известен јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот