ПРЕСМЕТКИ: Продуктивноста, а не партиите, би требала да го одреди минималецот

Највисокото одржливо  ниво на минималната плата во 2024 година е проценето на околу 18.000 денари, пресмета Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ . Оттаму посочуваат две сценарија: минималец од 17.978 со проектиран раст на просечната плата при брзо заздравување од ковид-19,  или сума од 17.149 денари, при потраен ефент од пандемијата. Но, ако се проектира растот на продуктивноста, според „Фајненс тинк“,минималната плата во 2024 година, би требало да изнесува 16.228 денари. Инаку, од први јули, минималната плата изнесува 14.934 денари.

Во предизборието, СДСМ ветува дека минималната плата до 2024 година, односно до завршување на новиот мандат, ќе изнесува 20.000 денари, а од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека таа ќе се движи до 60 проценти од медијалната плата во земјава. Државниот завод за статистика не прави пресметки на медијалната плата, а последна што ја направиле од „Фајненс тинк“е за 2017-та и изнесува 19.000 денари.

Од Организацијата на работодавачи велат дека не треба да се ветува нешто без да постои аргументација, односно дека минималната плата мора да биде пратена со продуктивноста.

Јулското зголемување од 434 денари не е ново усогласување, туку само е одложено спроведување на законските прописи, донесени уште во март. Тоа е направено реално и треба да се пресметува во согласност со законските параметри. Не едобро само да се ветува, бидејќи некој друг тоа треба да го исплаќа ветеното- вели за “Слободен печат”, Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Минималната плата за јули зголемена за 434 денари

Дел од бизнисмените пак, имаат забелешки и за зголемувањето од речиси 500 денари од 1 јули. Тие сметаат дека тоа ќе предизвика изедначување на примањата на работници со различни квалификации и обем на работа.

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија изјави дека растот на минималната плата дополнително ќе  ја зголеми сивата економија, преку исплата на плата во плико, враќање на дел од платата на рака, пријавување на скратено работно време и слично.

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена во 2011 година. Од октомври 2011-та, загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ, односно 12.265 денари во бруто. За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување. Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015- 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот