Минималната плата за јули зголемена за 434 денари

Минималната нето-плата за јули изнесува 14.934 денари и е зголемена за 434 денари во однос на претходниот износ. Во бруто износ пак, со давачките, минималната плата е 21.776 денари. Ова усогласување беше законски направено уште пред корона-кризата, но Владата со Уредба го стави во мирување се до завршување на вонредната состојба.

Овој пат, од страна на Владата изостана вообичаената објава за зголемената минимална плата што создаде извесна недоумица кај јавноста. Сепак, во изјава за „Слободен печат“, од Министерството за труд и социјална политика потврдија дека новата минимална плата е важечка и според законот, тој износ ќе биде до март 2021 година.

– Согласно Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, е предвидено усогласување на истата да се врши секоја година во месец март, а утврдената висина да започне да се применува со исплата на платата за месец април, врз основа на претходно мислење на Економско социјалниот совет. Усогласувањето се врши врз основа на следните критериуми, односно со една третина од порастот на просечната плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на трошоците на живот и една третина од порастот на бруто домашниот производ за претходната година. Имајќи ги предвид наведените податоци, Економско социјалниот совет даде мислење висината на минималната плата од април 2020 година да изнесува 21.776 денари во бруто износ, односно 14.934 денари и истата беше објавена во “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 75/2020.  Поради проблемите кои настанаа со коронавирусот и прогласувањето на вонредната состојба, Владата на Република Северна Македонија, превзема сет на мерки со цел да го олесни процесот на работење на правните субјекти од една страна а од друга страна да се задржат на работа вработените. Поради ова се донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за минимална  плата во Република Северна Македонија за време на вонредна состојба, со која за месеците април, мај и јуни  2020 година, се задржа нивото на минимална плата која се исплатуваше заклучно со месец март 2020 година, во износ од 14.500 денари во нето износ – појаснија од Министерството за труд и социјална политика за „Слободен печат“.

Оттаму објаснуваат дека ова значи дека со исплатата на платата за јули висината на минимална плата не треба да биде пониска од законски утврдениот износ, односно не помалку од 14.934 денари во нето износ или  21.776 денари бруто.

И од Организацијата на работодавачи објаснуваат дека ова усогласување не е ново, туку само е одложено спроведување на законските прописи, кои беа донесени уште во март.

– Уредбата со законска сила беше одложена се до завршувањето на вонредната состојба, така што сега почнува да тече одложената примена, а математиката покажува дека секој работник на име минималец ќе добие плус по 434 денари. Тоа е реално и така треба да се пресметува, бидејќи едно е да се ветува, но некој друг тоа треба да го исплаќа – вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот