Пред „Зимзоленд“ и Општината молчи
По „блицкригот“ на инспекции во зимскиот лунапарк, по кои казни добија штандовите за храна и организаторот, легалноста на „Зимзоленд“ го „фати окото“ и на Основното јавно обвинителство, од каде што информираа дека е оформен предмет за да испита дали евентуално постојат елементи за „предизвикување општа опасност“
Најпознатиот новогодишен парк во Македонија, ако не и во регионот, „Зимзоленд“, својата популарност кај јавноста не ја доби поради раскошната зимска програма и опширниот концертен репертоар, туку поради рекордниот број инспекции што извршија надзор на приватната нива на која е поставен и пронајдоа низа нерегуларности. Во фокусот во изминатиов период освен скопската зимска бајка е и локалната самоуправа пред чиј „нос“ е сместен овој светлечки зимски базар, кој две недели го игнорираше, а тоа е Општина Аеродром.
Препорачано
По двонеделните поплаки и реакции околу забавниот парк од граѓаните, особено од лисичани, кои пројавија дилеми за тоа кој е одговорен за неговото поставување и колку е сигурно за децата, дел од надлежните институции спроведоа вонреден и координиран инспекциски надзор на локацијата.
По оваа координирана, но сепак задоцнета акција, тие утврдија низа нерегуларности кај штандовите за храна, паркирањето и дозволите за користење на реквизитите, по што го отворија „тефтерчето“ за казни и најавија дека има големи шанси репертоарот на „Зимзоленд“ да заврши побрзо од предвиденото, но според фактичката состојба, лунапаркот досега не беше затворен за посетители ниту еден час.
Обвинителството ги разгледува дозволите и дали некој не постапувал
По „блицкригот“ на инспекции во зимскиот лунапарк, по кои казни добија штандовите за храна и организаторот, овој случај со легалноста на „Зимзоленд“ за кој „Слободен печат“ предупредува уште од денот на неговото официјално отворање, го „фати окото“ и на Основното јавно обвинителство, од каде што информираа дека е оформен предмет за функционирањето на забавниот парк „Зимзоленд“ во општина Аеродром за да испита дали евентуално постојат елементи на кривичното дело „предизвикување општа опасност“.
Оттаму информираа дека предметот е отворен по допрен глас, а доаѓа по објавените информации дека надлежните инспекторати не постапуваат во согласност со своите надлежности за отстранување на реквизитите.
Од ОЈО тогаш издале наредба до Министерството за внатрешни работи, конкретно до Единицата за економски криминал, да направи увид на местото и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот.
Предметот беше оформен пред три дена, а засега од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека постапката сè уште е во тек и се испитува, но не одговорија дали се „чепка“ и во Општина Аеродром како една од надлежните институции во издавањето дозволи за „Зимзоленд“.
– Бидејќи јавно објавените информации укажуваа дека надлежните инспекциски органи не постапуваат во согласност со законските надлежности за отстранување на реквизитите, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас и веднаш издаде наредба до МВР – Единица за економски криминал да излезе на терен, да направи увид на терен и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот, а со цел да се испитаат евентуални елементи на кривично дело – предизвикување општа опасност. По наредбата сè уште се постапува – велат од Обвинителството.
Почна манифестацијата „Зимзоленд“, а со неа и паркинг-кошмарите на лисичани
Општината молчи, инспекторите 20 дена не можат да ја завршат постапката
Откако од Општина Аеродром за „Слободен печат“ соопштија дека уште пред почетокот на манифестацијата, на 28 ноември е отворена инспекциска постапка за „Зимзоленд“, од локалната самоуправа нема подетални информации до каде е постапката, дали досега се откриени нерегуларности или, пак, зошто толку се одолговлекува нејзиното завршување земајќи предвид дека инспекциите „чепкаат“ речиси цел месец.
– Инспекциските служби на Општина Аеродром постапуваат во согласност со своите надлежности. Нашите служби ја почнаа инспекциската постапка на 28.11.2025 година. По конечност на постапката и утврдување на сите докази, ќе се постапи според закон и, доколку е потребно, ќе се изрече инспекциска мерка. Земјиштето на кое е поставена манифестацијата е во приватна сопственост, а Општина Аеродром не е организатор на овој настан и не учествува во програмата – последно брифираа од Општината.
Нелегални штандови, продавање храна без дозвола…
По координираните инспекции на „Зимзоленд“ каде што влегоа инспектори од повеќе државни институции, први „тефтерчето“ за казни го отворија службите на Агенцијата за храна и ветеринарство, кои утврдија нерегуларности во легалноста и во дозволите на куќарките што продаваа храна, алкохол и други пијалаци.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство тогаш за „Слободен печат“ одговорија дека по пријава од граѓанин извршила увид на просторот, при што се утврдило дека организаторот „Мега луна 25“ ДООЕЛ Битола не бил регистриран во Агенцијата како оператор за храна, ниту, пак, ја известил АХВ дека на „Зимзоленд“ ќе се продава храна.
– Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по издаден налог од Инспекцискиот совет и врз основа на поднесена иницијатива од граѓанин, спроведе вонреден инспекциски надзор на правното лице организатор на новогодишната манифестација „Зимзоленд“ во Скопје и на штандовите за промет со храна. Според надлежностите на АХВ, со спроведената вонредна контрола е утврдено дека организаторот не е регистриран во Агенцијата за храна и ветеринарство како оператор со храна и пред да почне со активностите, не ја известил Агенцијата дека на манифестацијата ќе се продава и храна – велат од АХВ.
Лоши хигиенски услови
Освен тоа што не пријавил дека ќе се произведува и ќе се продава храна, од АХВ брифираат дека организаторот заработил казна од 500 евра поради поставување на штандовите за храна што не ги исполнувале хигиенските услови, а покрај казната, организаторот добил и привремена забрана да произведува и да продава храна и му било наложено да се регистрира како оператор на храна во Агенцијата.
„Зимзоленд“ работи во полна пареа
Жители на Лисиче тврдат дека и покрај големата инспекциска активност и започнатата истрага на Обвинителството, паркот непречено работи и е отворен за посетители, а организаторот на своите профили ја промовираше и музичката програма за претстојниот викенд.
Дел од јавноста сè уште е скептична околу носењето на своите најмали на „Зимзоленд“ и веројатно ќе го почекаат евентуалниот епилог од истрагата на ЈО, по која се надеваме дека конечно ќе се разреши најактуелната мистерија – дали зимскиот парк е легален или, пак, Општина Аеродром или другите институции потфрлиле во нивните надлежностите и го оставиле организаторот да постави свој ред и поредок на приватното земјиште каде што е сместена светкавата зимска бајка во Скопје.


