Пред Божиќ, зад Божиќ, дома да си! Како Македонците го прославуваат најголемиот христијански празник

Фото: Профимедиа

Бадник е денот пред Божиќ, 6 јануари. Празник пред празникот. Најава на празникот. Очекување на Христовото раѓање. Со овој ден веќе започнува Божиќното славење. Во минатото, рано сабајле се одело во шума по бадник, да се донесе гранка младо церово или дабово дрво. Во градовите, бадниковото гранче главно се купува на пазар.

Божиќ е најрадосниот празник за Македонците. Првиот ден е секогаш 7 јануари и се празнува три дена. Луѓето се поздравуваат со: „Христос се роди!“, а се отпоздравуваат со: „Навистина се роди!“

Бадник е ноќ на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Господа Исуса Христа. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера. Бадник се слави еден ден пред Божиќ и со коледарските огнови и со децата – коледарчиња, се најавува Рождеството Христово. Бадник  е поделен на два дела – периодот од полноќ до пладне на 6 јануари е Коледе, а од пладне до полноќ се слави Бадник.

Адети и обичаи за Бадник

Македонскиот народ со многу внимание и почит го празнува најголемиот христијански празник Божиќ, кој започнува да се слави со Бадник. Денот наспроти Божиќ се празнува со низа обичаи – со традиционална бадникова посна трпеза, со желби за многу здравје, среќа и бериќет во претстојната година. Православните христијани ги дочекуваат божиќните празници, претежно во кругот на најблиските.

Обредните дејствија и елементи се со разноликост, во зависност од подрачјето, но во основа се сведуваат на многу слични обреди наследени од древните предци: сечење бадник, неговото внесување и палење во домот; подготовка на обреден леб кој го сретнуваме под различни имиња поскура, чесница, кравајче, погача и кој во речиси сите краишта се прави со паричка.

Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.

Традиционалните обичаи за Коледе-Бадник почнуваат во ноќта пред празникот, со палење на обредни коледарски огнови, кои горат до доцна во ноќта, со песна, оро, греана ракија и вино, и неизбежната погача. Првите предвесници на празникот се децата коледари. А, предвесник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божиќ. Во раните утрински часови, најмладите коледари во духот на традицијата ги пеат бадниковите песни и го најавуваат раѓањето на Исус Христос. Со традиционалните коледарски песни, децата од рано наутро според стариот обичај одат од врата до врата на домовите, чин, кој според црковните верувања, го навестува скорешното Христово раѓање. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот. Дечињата за својот труд и испеана песна добиваат костени, бонбони, јаболка, портокали и симболично пари. Намирниците што ги добиваат коледарите треба да бидат посни, бидејќи сѐ уште трае божиќниот пост.

Посна бадникова трпеза

Бадник е верски празник кога, според традицијата, семејството се собира на посна богата вечера. Според некои, постои верување дека мора да се послужат најмалку 12 различни видови храна и едно главно јадење. Обичајот е симболично потсетување на 12 апостоли кои со Исус Христос биле на тајната вечера. Според верувањата и обичаите, се вади од сѐ по нешто за адет, за бериќет, за годината да биде богата. На богатата бадникова посна трпеза, централно место зазема лепчето со паричка. Бадниковата вечера се состои од повеќе видови јадења – посен грав, риба, пита со зелка или праз, посна сарма, урми, суви смокви, нескршени ореви (постои верување дека ако оревот кога ќе го скршите не е црвлив, ќе имате бериќет во претстојната година), мандарини, портокали, јаболка, костени и баклава. На масата треба да стои и запалена свеќа украсена со бадниково гранче.

По вечерата, посната трпеза не се раскрева, туку се остава така сѐ до утрото, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани.

Бадник практично ги спојува бадниковиот ден и Божиќ. Затоа кај нашиот народ за луѓето кои се пријателски блиски се вели дека се „како Бадник и Божиќ“. Со Божиќ е поврзана и поговорката „Пред Божиќ, зад Божиќ, дома да си“, што значи дека за време на овој голем празник треба да се биде дома во кругот на семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот