Празни маси, пропаднати бизниси – германските ресторани губат милиони поради неодговорни резервации
Германското здружение на хотелиери и угостители (Dehoga) предупредува на растечки проблем. Сè повеќе гости прават резервации во ресторани, а потоа не се појавуваат. Според податоците од платформата за онлајн резервации OpenTable, овој тренд е во пораст во последните шест месеци, што е голем проблем за угостителите.
Препорачано
– Нашите членови сè повеќе пријавуваат „недоаѓања“ и откажувања во последен момент – изјави Dehoga за BuzzFeed News Germany- пренесе Бизпортал.
Особено погодени се рестораните од висока класа и местата со ограничен број маси, каде што се подготвуваат јадења со високи трошоци за храна. Неискористените резервации создаваат значителни финансиски загуби бидејќи е тешко брзо да се пополни празна маса. Според OpenTable, германските ресторани губат просечно 73 евра неделно поради вакви ситуации, а загубите особено се зголемуваат за време на празничните месеци октомври, ноември и декември. Податоците од Северна Рајна-Вестфалија покажуваат дека дури 78,3 проценти од угостителите пријавиле пад на приходите до 10 проценти.
За да се спротивстават на овој тренд, некои ресторани воведуваат такси за непојавување и бараат потврда за резервација или плаќање однапред. Сепак, Дехога повикува на разбирање, особено со редовните гости и непредвидените ситуации како што се болести, пишува списанието „Феникс“.
Иако некои ресторани дури и ги откажуваат резервациите за да избегнат финансиски загуби, за поголеми групи и семејни прослави, резервациите се сепак неопходни за подобра организација и безбедност на двете страни.


