Повторно депонија зад „Џевахир“ – контејнерите искршени, ѓубре на секој чекор
По три месеци ситуацијата со депонијата на овој простор, за жал повторно е актуелна и сега е можеби полоша од претходно, земајќи предвид дека ѓубрето е распространето на огромна површина зад контејнерите, на зелена површина што е заградена со лимови.
Три месеци откако жителите на кулите „Џевахир скај сити“ се пожалија од огромната депонија во околината на неколкуте контејнери поставени за потребите на овој комплекс во кој живеат повеќе од 3.000 жители, историјата се повторува и сега повторно на истата локација е оформена еден вид „разгранета“ депонија – контејнерите се полни, а ѓубрето околу нив не е концентрирано на едно место, туку е распространето на стотиците квадрати зелена површина зад комплексот.
Препорачано

Нема што нема зад „Џевахир“
Од „широката лепеза“ на отпад зад „Џевахир“ може да се забележи дека тука претежно преовладуваат пластични кеси полни со тековен отпад од домаќинствата, но пространата локација е исполнета и со голем број пластични шишиња, обувки, кеси од храна, канцелариски столчиња, пластични и дрвени гајби, автомобилски гуми, огромна количина стиропор во кој биле спакувани апарати за домаќинство.
Контејнерите се преполни, расфрлано е ѓубре на тротоарот, на сервисната улица, низ зелената површина, која иако е скриена со лимови, може да се забележи дека е претворена во една голема депонија. Дрвјата околу контејнерите не останаа „поштедени“ бидејќи на нив можеа да се забележат десетици пластични кеси, кои, според состојбата во која се наоѓаат, веројатно датираа од пред неколку недели, ако не и месеци, а од една гранка висеше парче долна облека.
„Дежа ву“ за жителите
Пред три месеци жителите на овој комплекс се жалеа оти управителот „Хаузмајстор“ го собирал ѓубрето што беше расфрлано во и околу контејнерите отпад и го складирал во подземните гаражи спакувано во црни вреќи. „Слободен печат“ тогаш од управителот дозна дека причината поради која го собирале и го „криеле“ ѓубрето биле големите казни од 50.000 евра од страна на Инспекторатот за животна средина на Општина Аеродром поради несобирање на отпадот, што всушност е одговорност на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“.
Расте депонијата пред комплексот „Џевахир“, никој не го чисти ѓубрето
Тогаш, како што е добро познато, претпријатието беше тотално нефункционално, поради што градот беше преплавен со ѓубре насекаде, мини-депонии имаше пред голем број згради, а диви депонии по зелените површини низ градот. Меѓу сите „ѓубросани катчиња“ низ градот, едно од нив беше токму оваа локација зад комплексот „Џевахир“, каде што по жестоката реакција на жителите и на управителот, кој беше принуден во два наврата приватно да изнајмува контејнер и да го пренесе ѓубрето во „Дрисла“ – отпадот беше исчистен.
„Црниот“ период на комуналците делумно помина со менување на градската гарнитура и со доаѓањето на новото раководство во Градот, кога со ЈП „Комунална хигиена“ се спроведе големата тридневна филмска акција за собирање на отпадот низ градот, по што Скопје малку „стивна“ од ѓубрето.
ФОТО | Делумно исчистено ѓубрето кај „Џевахир“, се чека „втора тура“ за да се собере и од гаражите
Сепак, три месеци подоцна, ситуацијата со депонијата на овој простор, за жал повторно е актуелна и сега е можеби полоша од тогаш, земајќи предвид дека ѓубрето е распространето на огромна површина зад контејнерите, на зелена површина што е заградена со лимови.
Граѓани претпоставуваат дека големи се шансите некои од нивните соседи од повисоките катови, малите количини ѓубре да ги исфрлаат од своите прозорци и балкони, и велат дека нема друга логика како може отпадот да е расфрлан на толку голема површина во непосредна близина на комплексот.

Жител изјави дека овој проблем трае подолго време и дека е пријавуван и во Општина Аеродром и во „Комунална хигиена“, од каде што не добил никаков одговор, ниту, пак, реакција и ослободување на овој простор од отпадот.
– Пријавено е до секој инспектор во Општина Аеродром и Градот Скопје, поточно „Комунална хигиена“. Вака стои со месеци – вели тој.
„Слободен печат“ испрати прашања до ЈП „Комунална хигиена“ која е причината повторно да се создаде олкава количина отпад зад „Џевахир“, дали ќе се активираат да ја расчистат оваа локација или, пак, дали комуналните инспектори изрекле казни за несовесните граѓани што на овој начин го одлагаат својот отпад, но оттаму не добивме одговор.
„Комунална“ не одговора за депонијата, но се фали за ланските успеси
Во меѓувреме, иако од претпријатието не најдоа време да ни одговорат до објавувањето на овој текст, оттаму се пофалија дека во текот на минатата година, скопските комуналци подигнале и транспортирале вкупно 21.995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Од нив, според „Комунална“, најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
Сепак, 2025 година помина и можеби е подобро резултатите од таа година да се стават во втор план, а на прво место во агендата на „Комунална хигиена“ да биде масовната акција на чистење на огромното ѓубриште зад „Џевахир“ и ослободување на просторот од оваа грда глетка, а воедно и патролирање и санкции за несовесните граѓани што оформиле навика својот отпад да го депонираат насекаде околу контејнерите, особено на зелената површина.


