Повредени од пожарот денеска со авиони ќе се транспортираат за Хрватска и Романија
Министерството за здравство информира дека од раните утрински часови во Клиничкиот центар функционира кризниот штаб, во тесна координација со Министерството за внатрешни и за надворешни работи, а поврзано со повредените во пожарот во кочанската дискотека без лиценца „Пулс“. Тимовите на здравствените установи се целосно ангажирани за обезбедување соодветна медицинска нега, а состојбата на сите пациенти се следи внимателно, при што се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошните медицински постапки.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во текот на вчерашниот ден се згрижени над 140 пациенти, распределени во здравствените установи низ земјата: Клинички центар – 20 пациенти, ГОБ „8 Септември“ – 20 пациенти, Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 21 пациент, Клиничка болница Штип – 20 пациенти, Општа болница Кочани – 7 пациенти, Клиника за токсикологија – 2 пациенти.
Покрај медицинската грижа во земјата, дел од пациентите се префрлени во здравствени установи во странство, како резултат на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји.
Во Република Турција 3 пациенти пристигнаа во Истанбул, а дополнителни 6 пациенти се очекувало да пристигнат во Анкара до полноќ ноќеска. Во Република Бугарија 14 пациенти се хоспитализирани. Во Република Грција 4 пациенти се згрижени. Во Република Србија 5 пациенти се веќе хоспитализирани, а дополнителни 12 пациенти со воен авион се на пат кон Белград. За Република Хрватска и Романија се очекува денеска да бидат испратени по 4 пациенти во секоја од овие земји. Денеска Словенија Унгарија и Австрија ќе испратат медицински авиони за транспорт на пациенти.
Сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега. Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата пристигна медицински тим од ВМА Белград, а се очекуваат и медицински тимови од Чешка, Израел и Белгија, кои ќе се приклучат на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа. За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. Д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648. Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка, велат оттаму.


