Поведена постапка за татко кој ја малтретирал и со денови ја оставал без соодветна родителска грижа својата 14-годишна ќерка

Фото: Profimedia

Босанец на возраст од 45 години, со привремен престој во Скопје ја малтретирал 14-годишната ќерка и поради редовно патување во странство, со денови ја оставал сама, без соодветна родителска грижа, обезбедена храна или хигиена во домот. Кога ќе се врател од патување психички и физички го малтретирал детето, ја терал да работи за време на викенди, а парите ги земал за да подмири сопствени долгови.

Скопското јавно обвинителство поведе постапка против него, а се бара и мерка притвор.

Во периодот од септември 2022 до 28 март годинава, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, осомничениот ја запуштил и ја малтретирал сопствената ќерка. Како татко и единствен родител со кој живеело детето родено во 2008 година, тој редовно патувајќи во странство ја оставал својата ќерка сама, без соодветна родителска грижа и без обезбедена храна и хигиена во домот. Кога ќе се врател од своите патувања, тој вршел психичко и физичко насилство врз детето, користејќи каиш и удирање како средство за нејзино воспитување, а во една прилика се обидел да ја прободе со нож. Осомничениот ја вработил 14-годишната ќерка во слаткарница за време на викенди, а остварениот приход ѝ го земал за да ги надомести сопствените долгови, известуваат од ЈО.

На 22 март девојчето се разболело само дома и не отишло на училиште, а осомничениот и се јавил од странство и ѝ се заканил дека кога ќе се врати ќе ја претепа затоа што отсуствува.

Ваквото однесување, кај жртвата предизвикало постојан страв и стрес, како и чувство на напуштеност и на отсуство на родителска грижа, велат од ЈО.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности укажуваат на тоа дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците или ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот