Потврден во три држави: Новиот сој на коронавирусот ги исплаши научниците, има екстремно голем број мутации

Фото: Профимедиа

Научниците предупредија дека новиот сој на коронавирусот кој има „екстремно голем број“ мутации може да предизвика нови бранови на болести, заобиколувајќи ги одбранбените механизми на телото.

Со геномското секвенционирање се потврдени само 10 случаи на оваа варијанта на вирусот во три земји, но овој сој предизвика сериозна загриженост помеѓу некои истражувачи, бидејќи бројните мутации можат да му овозможат на вирусот да го заобиколи имунитетот, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

Варијантата Б.1.1.529 има 32 мутации во протеинот шилец (спајк), кој е дел од вирусот којшто повеќето вакцини го користат за да го подготват имунолошкиот систем за борба против коронавирусот, пишува „Гардијан“.

Мутациите во тој протеин може да влијаат на способноста на вирусот да ги инфицира клетките и да се шири, но и да ги отежнат имунолошките клетки да го нападнат патогенот.

Оваа варијанта за првпат беше забележана во Боцвана, каде што со секвенционирање беше потврдена во три случаи.

Уште шест се потврдени во Јужна Африка, а еден случај во Хонг Конг кај патник кој се враќал од Јужна Африка.

Доктор Том Пикок, вирусолог од Империал колеџ во Лондон, ги објави деталите за новата варијанта, истакнувајќи дека „неверојатно голема количина на мутации во спајк протеинот предизвикува голема загриженост“.

Мира Чанд, директорка на ковид-одделението во британската Агенција за здравствена безбедност, изјавила дека во соработка со научниците ширум светот го следи развојот на варијантите на вирусот Sars-CoV-2.

„Бидејќи во природата на вирусите е да мутираат често и по случаен избор, не е невообичаено да се појават мал број случаи кои содржат нови групи на мутации“, рекла Чанд, додавајќи дека брзо се тестираат и проверуваат сите варијанти кои придонесуваат за ширење на вирусот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот