Кашлица/Фото: Zoonar/Svyatoslav Lypynskyy, Zoonar GmbH / Alamy / Profimedia

Постојат шест видови кашлица – еве што значи секој од нив и кога треба одите на лекар

Кашлицата може да укажува на сè, од настинка и алергии до посериозни болести како бронхитис или пневмонија (воспаление на белите дробови). Нејзиниот звук и траење помагаат да се препознае сериозноста, а симптомите како што е крв во слузот бараат итна лекарска помош.

Слушањето на другите како кашлаат и искашлуваат е една од непријатностите во животот, но да научите да ја слушате сопствената кашлица може да ви го спаси животот. Кашлицата доаѓа во сите облици, големини и гласности, а според зборовите на д-р Навида Асиф, разбирањето на нијансите помеѓу различните видови може да ви помогне брзо да препознаете дали ви е потребна лекарска помош или само пастили.

Д-р Асиф, општ лекар во лондонската приватна клиника „Лондон џенерал практис“, проценува дека околу половина од неговите пациенти се жалат на кашлица. И покрај фактот дека тоа ги загрижува многумина, тој нагласува дека тоа е, всушност, знак дека „телото прави точно она што треба“.

– Имате иритант, инфекција, нешто што предизвикува оток или непријатност во дишните патишта. Значи, сакате кашлицата, која во основа е грч на мускулите, да го исфрли што и да е тоа. Бидејќи ако не го направите тоа, ќе се спушти пониско во дишните патишта, ќе остане на белите дробови или и ќе предизвика пневмонија – објасни д-р Асиф за „Дејли мејл“.

Иако повеќето кашлици се повлекуваат сами по себе во рок од три до четири недели, во некои случаи е потребна итна медицинска помош, а предупредувачкиот знак се крие токму во звукот на кашлицата. Д-р Асиф ја дели кашлицата во шест главни категории за да помогне во идентификувањето на опасноста.

1. Сува кашлица

Сувата кашлица има остар, испрекинат звук без искашлување на слузта. Често се поврзува со сезонски алергии или вирусни инфекции, особено во зима. Повеќето такви кашлици спонтано се подобруваат во рок од неколку дена или недели. Меѓутоа, ако потрае подолго од три недели, треба да биде причина за загриженост.

Иако ретка, упорната сува кашлица може да биде показател за рак на белите дробови, грлото или горните дишни патишта, особено ако е придружена со губење на телесната тежина, намален апетит или необјаснив замор. Друга честа причина за сува кашлица е гастроезофагеалниот рефлукс (ГЕРБ), состојба при која желудочната киселина се враќа во хранопроводот и го иритира грлото.

2. Продуктивна или влажна кашлица

За разлика од сувата кашлица, влажната кашлица произведува слуз и има карактеристичен звук на гргорење, звук како тропање. Тоа е знак дека телото се обидува да се ослободи од инфекцијата со исфрлање на слузта што ги заробила бактериите и вирусите. Иако често е придружена со непријатно чувство на затнатост, оваа кашлица обично исчезнува во рок од три до четири недели со одмор и довелен внес на течности.

Лекарскиот преглед станува неопходен ако е придружена со зголемена температура, појава на крв во искашлувањето или општо влошување на состојбата. Ваквите симптоми може да укажуваат на бронхитис или, во потешки случаи,на  пневмонија, состојба што е опасна по живот ако не се лекува.

3. Кашлица што звучи како лаење

Висок, рапав звук што потсетува на „лаење на фока“ е еден од видовите кашлица што бара итна медицинска интервенција, особено кај децата. Овој звук класично се поврзува со вирусна инфекција која предизвикува отекување на душникот и горните дишни патишта. Може да биде придружен со зголемена телесна температура, течење на носот и стридор, звук сличен на свирење при вдишување.

Лекарите предупредуваат дека децата на почетокот може да изгледаат добро, но нивната состојба може брзо да се влоши поради стеснување на дишните патишта, поради што е клучно веднаш да се побара помош.

4. Кашлица со свирење во градите

Кашлицата придружена со свирење или пискав звук, што е очигледно дури и при нормално дишење, секогаш треба да се сфати сериозно. Овој звук укажува на воспалени или стеснети дишни патишта, а првенствено се поврзува со астмата и хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ). Симптомите често се влошуваат ноќе или во текот на физички напор.

Ако кашлицата со свирење се повторува или е придружена со чувство на недостаток на воздух и стегање во градите, неопходна е лекарска проценка за да се избегнат тешките напади на астма кои можат да бидат опасни по живот.

5. Голема (црна) кашлица

Големата кашлица, позната и како pertusis, се карактеризира со интензивни, неконтролирани напади на кашлање по кои следува висок звук на свирење при обид за вдишување. Таа е предизвикана од многу заразната бактерија Bordetella pertussis, а нападите можат да бидат толку силни што предизвикуваат повраќање, исцрпеност или дури и кршење на ребрата.

Особено е опасна за доенчиња под шест месеци и бара итно лекување со антибиотици. Иако е почеста кај децата, може да ја добијат и возрасни, кај кои карактеристичниот звук познат како магарешка кашлица, не мора да биде присутен.

6. Хронична кашлица

Секоја кашлица кај возрасните што трае подолго од осум недели е класифицирана како хронична и бара детален медицински третман. Таа нема специфичен звук, туку се дефинира според нејзиното траење. Причините можат да бидат различни, од астма, пушење, ГЕРБ, а и постназално слевање до посериозни состојби како што се хронични белодробни болести или рак на белите дробови.

Со оглед на тоа што ракот на белите дробови често ги покажува симптомите доцна, секоја промена во кашлицата или нејзиното времетраење, особено кај пушачи постари од 40 години, не треба да се игнорира. Раната дијагноза е клучна за успешно лекување.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот