Телекомуникациска кула на Водно? Фото: Орце Симов, Фејсбук

Последни зафати на кулата на АЕК на Водно: Објектот е стратешки и опасен, строго ќе биде контролиран влезот во него

Во моментот на телекомуникациската кула се работи на приклучокот на струја, по што ќе следува процесот на издавање на употребната дозвола, што би требало да биде завршено некаде до крајот на јануари.

По 12 години изградба, завршуваат и последните зафати на телекомуникациската кула на врвот на Водно, по што таа конечно ќе биде пуштена во употреба. Резервоарот за нафта веќе е изграден, а во моментот таму се работи уште на приклучокот на струја, по што ќе следува процесот на издавање на употребната дозвола, што би требало да биде завршено некаде до крајот на јануари.

За приклучокот моравме да направивме комплетно нова проектна програма, значи основен проект, ревизија, го поднесовме во Министерството за транспорт и врски, добивме решение, одобрение ново, па направивме правосилно решение и сега сме во фаза со ЕВН да го направиме приклучокот. „Гранит“ сега ги прави двете шахти како што е проектната документација и одобрението. Ако не заврне снег или да паднат некои интензивни дождови, очекувам до Нова година да се заврши сѐ. Останува потоа уште техничкиот прием. Проектите се готови, ама додека не го завршиме приклучокот, не можеме да ги поднесеме документите – вели Илија Кепевски, советник на директорот на Агенцијата за електронски комуникации и човек што е дел од изградбата на кулата уште од поставувањето на камен-темелникот.

Потоа, Министерство за транспорт и врски има обврска да оформи комисија составена од членови од повеќе надлежни институции, која ќе излезе на терен, ќе направи увид, од увидот ќе направи записник и врз основа на сето тоа ќе се издаде употребна дозвола и правосилно решение за да се пушти објектот во употреба.

Патот од Средно Водно до врвот не се користел ниту при изградбата на кулата на АЕК

Во меѓувреме, кога ќе се пушти струјата, ќе се изврши испитување на целокупната инсталација, на лифтовите, на нисконапонската мрежа, на системите за греење и ладење, на системите кои се инсталирани горе, така што, додека излезе комисијата на терен сите тестирања треба да бидат завршени.

Кепевски вели дека шпекулациите што беа пласирани во јавноста дека откако ќе се изгради кулата, ќе може со возила да се оди до врвот на Водно, се сосема неточни.

Горе ќе биде строго контролиран влез, строго контролиран пристап, патот е затворен, исклучиво ќе биде за планинари, за пешачење и преку жичницата ќе може да се доаѓа. Во кулата ќе има многу опрема, во делот на оператори, како телекомуникациски така и телевизиски. Бидејќи објектот е од отворен тип, нашата идеја е полицијата да го преземе обезбедувањето, тоа ќе го иницираме откако ќе го преземеме ние како АЕК: најдобро е да го обезбедува полицијата затоа што на втората платформа ќе има опрема за војска и полиција. Не смеат да се дозволат импровизации, таму мора да има контрола на движење, сепак е тоа стратегиски објект од една страна, но од друга е и опасен објект. Тоа е така секаде на вакви објекти низ светот – вели Кепевски.

Во однос на видиковецот што се наоѓа на четвртата платформа, каде што посетителите ќе можат да уживаат во погледот на Скопје, тој посочува дека ќе се служи само чај и кафе и можеби по некој ладен сендвич и во него ќе биде ограничено времето за престој.

Телекомуникациската кула на Водно се наоѓа во близина на Милениумскиот крст и е висока 155 метри, односно двапати повисока од крстот. Нејзината изградба започна во 2013 година, а рокот за завршување на градбата е повеќепати пролонгиран поради одредени застои во градежните работи.

Нема да има свадби во кулата на АЕК на Водно, ниту пристап со возила до неа

Во кулата ќе биде сместена софистицирана опрема со чија помош АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи. Со тоа е планирано да се намалат можностите од појава на разни пречки.

На објектот има четири платформи, од кои првата е наменета за војска и полиција, втората е за мобилните оператори, третата е за македонска радиодифузија и четвртата, највисоката, е за туристичко-угостителска дејност. Таа е ротирачка и за еден час врти еден круг. На трите платформи што се пониско поставени од ротирачката, ќе биде сместена само опрема, нема да има вработени.

Градежните работи на телекомуникациската кула ги изведува „Гранит“, инвеститор е Агенцијата за електронски комуникации, а досега во изградбата се вложени повеќе од 18 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот