Фото: Wikimedia Commons

Посен рецепт на денот: Рибина чорба од ослич

Направете посна рибина чорба со ослич што ќе ви ја стопли душата и стомакот во текот на студените денови. Сочните филети од ослич совршено се комбинираат со компири, домати и ароматични зачини.

Секоја состојка придонесува за слоевите на вкус – кромидот и лукот додаваат арома, готовата мешавина од зачини ја нагласува природната сладост на рибата, а свежиот магдонос и лимонот додаваат нота на киселост и освежување.

Сервирана со крцкав домашен леб или со варен ориз, оваа чорба е феноменален посен ручек што ќе ги задоволи дури и најпребирливите членови на семејството.

Пробајте го овој рецепт за рибина чорба со ослич што ќе ја готвите дури и откако ќе заврши божикниот пост, бидејќи е неверојатно вкусна.

Фото: Stu spivack/Flickr

Потребни состојки (за 4 лица):

– 60 мл растително масло
– 1 ќесичка мешавина зачини за рибина чорба
– 800 г филети од ослич со кожа
– 3 главици кромид
– 500 мл доматно пире
– 4 компири
– 3 чешниња лук
– 350 мл вода
– сол, бибер
– сок од лимон
– 1 грст свеж магдонос

Подготовка:

Одмрзнете ги филетите ослич. Загрејте го маслото во голема тава или тенџере. Додајте го сечканиот кромид и пржете на средна температура додека не стане проѕирен и омекне, мешајќи внимателно за да не загори.

Во омекнатиот кромид додајте ги компирите излупени и исечкани на коцки, доматното пире и толчениот лук. Нежно промешајте и додајте ги филетите од ослич, рамномерно распоредени меѓу зеленчукот.

Сипете вода во тенџерето и додајте уште малку доматно пире по желба, така што сите состојки ќе бидат покриени со течност.

Доведете сè до лесно вриење, потоа намалете ја температурата и варете на тивок оган 15-20 минути, додека компирите не омекнат и рибата не почне да се распаѓа.

Во мал сад измешајте ја мешавината од зачини за рибина супа со 50 мл вода додека не добиете мазна паста. Додадете ја во чорбата и оставете ја да крчка уште 5 минути.

Пробајте ја чорбата, додадете сол и бибер по вкус. Непосредно пред сервирање додајте неколку капки сок од лимон и наросете со свежо сечкан магдонос.

Сервирајте ја чорбата со парчиња топол леб или со гарнир варен ориз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот