Пораз од Англија и веднаш „искри“ во Србија: Тадиќ незадоволен, Пикси вели дека станувало збор за „тактика“

Фото: EPA-EFE/Robert Hegedus HUNGARY OUT

Репрезентацијата на Србија вчера беше поразена од Англија во нивниот прв натпревар на Европското првенство во Германија, а веднаш по него како да се покажаа и „искри“ во српската селекција помеѓу Душан Тадиќ и селекторот Драган Стојковиќ – Пикси.

Пикси се одлучи за изненадување во стартниот состав и го остави Тадиќ на клупата за резерви, а Тадиќ иако потенцираше дека ја почитува одлуката на селекторот, сепак призна дека не бил среќен бидејќи се смета себе за најдобриот играч во репрезентацијата.

„Имам добра комуникација со селекторот и ми беше тешко да прифатам дека не бев на теренот од почетокот на натпреварот. Јас сум лидер, без лажна скромност, најдобриот играч на оваа репрезентација. Ако селекторот смета дека Душан Тадиќ треба да одигра триесет минути, тоа ќе го почитувам“, изјави капитенот на Србија.

Новинарите го запрашаа и Пикси за ваквата изјава на Тадиќ, а тој објасни дека се работело за тактичка одлука.

„Не е добро ако го каже тоа. Тоа беше моја одлука од тактички причини. Го сакав Тадиќ со свежи нозе во второто полувреме, ништо повеќе. Се работи за тактика. Ова е моја одлука и мое гледање на ситуацијата. Јас сум на место каде што носам одлуки“, изјави Стојковиќ.

Останува да видиме како во наредниот период и следните два натпревари против Словенија и Данска ќе се одрази ова незадоволство помеѓу капитенот и селекторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот