Фехми Стафа / Фото: МИА / архива

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа останува во притвор – судот ја продолжи мерката за уште 30 дена

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој е осомничен за примање поткуп, и натаму ќе остане во притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје му ја продолжи мерката за обезбедување присуство за уште 30 дена, информираа од Судот.

Притворот што му беше првично изречен на Стафа во траење од еден месец истекуваше во наредните денови.

Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамки на истрага што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поради сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Според Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот наводно примил околу 50.000 евра за да посредува и да влијае врз судија во Апелацискиот суд Скопје, со цел да се донесе одлука во корист на негов клиент, кого го застапувал како адвокат.

Апсењето на поранешниот правобранител Фехми Стафа најматен настан месецов, според „Транспаренси“

Стафа бил лишен од слобода веднаш по примањето на парите коишто биле пронајдени и одземени.

Човекот за кој Стафа, како адвокат, наводно требало да издејствува укинување на мерката притвор е Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, осомничен во случајот „Синџир“.

Неколку месеци пред апсењето, Стафа поднел барање за замена на притворот на Пецов со куќен притвор, во негово отсуство, при што била понудена и гаранција.

На 16 декември, неколку дена по приведувањето на Стафа, Пецов, кој дотогаш беше во бегство, доброволно ѝ се предаде на полицијата и веднаш беше изведен пред судија на претходна постапка.

Иако претходно притворот на Пецов беше потврден и од Апелацискиот суд, Кривичниот суд потоа ја замени таа мерка со куќен притвор.

Од Судот тогаш соопштија дека одлуката е донесена по предлог на ОЈО ГОКК, имајќи предвид дека Пецов сам се пријавил кај органите на прогонот, како и поради проценката на јавниот обвинител дека во притворското одделение не може да се обезбеди неговата лична безбедност.

Дополнително, од Обвинителството наведоа дека согласноста за замена на притворот била дадена и поради доставена медицинска документација од одбраната, која укажувала на нарушена здравствена состојба на Пецов и на негово претходно болничко лекување.

Покрај куќниот притвор, на Пецов му беше определен и 24-часовен полициски надзор, а му беа одземени и двата пасоша.

Инаку, Љупчо Пецов – Ѓаволот е еден од обвинетите во предметот „Синџир“, истрага за финансиски криминал отворена кон крајот на октомври 2023 година, во која беа опфатени 26 луѓе – сопственици и управители на 28 компании.

Тие се товарат дека преку фиктивни фактури со ДДВ за наводни набавки, што не биле реализирани, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот