Одбележување на 47-годишнината од Исламската револуција (Фото: EPA)

Порака до Западот: Иран прикажа балистички ракети на годишнината од револуцијата

Милиони луѓе низ целиот Иран излегоа на улиците на национални маршеви по повод 47-годишнината од Исламската револуција.

Службениците велат дека маршевите се одржуваат на повеќе од 1.400 локации, вклучувајќи го и централниот плоштад Азади во Техеран, и дека ги следат околу 7.200 локални и речиси 200 странски новинари, објави Престев.

Собирите започнаа утрово, а во последните денови граѓаните одржаа вечерни протести низ целата земја за да ја одбележат победата на Револуцијата, скандирајќи „Алаху Акбар“, пренесува ирански Пресс.тв.

Иранските власти ги опишаа собирите како симбол на национално единство и отпорност, додека набљудувачите ги истакнаа политичките и културните пораки на настаните.

На маргините на маршевите, беа прикажани остатоци од изгорени и оштетени возила уништени за време на јануарските немири, кои иранските власти ги припишуваат на вооружени групи поддржани од странски сили.

Крстосувачки и балистички ракети беа исто така прикажани на плоштадот Азади, како и остатоци од израелски беспилотни летала наводно соборени за време на конфликтот.

Беа прикажани ракетите „Сумар“, „Нур“ и „Кадир“, како и балистичките ракети „Хаџ касем“, „Емад“ и „Золфагар“, објави „Тасним“, додавајќи дека некои од овие ракети биле користени во операциите против Израел, како и во нападите врз американската воздухопловна база „Ал Удеид“ во Катар.

Иранскиот претседател Масуд Пезизкијан присуствуваше на маршот во Техеран и се очекува да се обрати на толпата во наредните часови.

Исламската револуција од 1979 година беше пресвртница што го трансформираше Иран од прозападна монархија во исламска република.

Предводена од ајатолахот Рухолах Хомеини, разновидна коалиција од свештеници, студенти и секуларни активисти го собори од власт поддржаниот од САД шах Мохамед Реза Пахлави.

Техеран и Вашингтон ги прекинаа дипломатските односи во 1980 година откако Иранците ја зазедоа амбасадата на САД во иранската престолнина, објави Танјуг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот