Поп Ацев: Илиевски и јас сме подготвени за подиум

Осум учесници ќе има на Охридскиот пливачки маратон 2022/Фото: pfm.org.mk/

Познатиот македонски маратонец смета дека тој и нашиот втор претставник на Охридскиот маратон што во своето 35 издание се плива в сабота, се во форма што ветува борба за висок пласман и медали.

Охридскиот маратон во своето 35. издание ќе се одржи в сабота на познатата патека „Климе Савин“. Од Македонија ќе настапат двајца пливачи, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски. Обајцата се надеваат на добар пласман. Според Поп Ацев, шансите се реални еден или двајцата да се најдат на подиумот по крајот на трката.

Сезонава имаше проблеми со одржувањето на Охридскиот маратон, во еден момент дури беше откажан, а потоа по реакциите од јавноста сепак презакажан. Сезонава се одржува во септември за разлика од традиционалниот термин, последната недела од август. Затоа се пријавија помал број учесници, седуммина во машка конкуренција и една пливачка, што значи и послаба конкуренција. За споредба на трката минатата година на која победи Французинот Аксел Рејмонд и неговата сонародничка Ошан Касињол, учествуваа седум пливачки и 12 пливачи.

– На маратонот од Македонија ќе пливаме Александар (Илиевски н.з.) и јас. Подготвен сум и се надевам на висок дострел, што подразбира подиум или евентуално највисок пласман. Годинава имав повеќе подеми и падови во формата и тешко ми е да предвидам – вели Поп Ацев кој минатата година беше третопласиран на маратонот во Охрид.

Според него и Илиевски исто така е во добра форма и има потенцијал да се најде на подиумот.

– Александар е добра форма сезонава. Добар резултат направи во Канада. Подготвен е и може да се очекува добар резултат и од него на Охридскиот маратон – вели Поп Ацев.

Обајцата настапија на ултрамаратонот во Лак Сен Жан (32 км.) во Канада на крајот на јули, каде Илиевски беше третопласиран, а Поп Ацев беше четврти. Минатиот викенд обајцата настапија на ултрамаратонот Капри – Наполи, трка што беше откажана поради лошото време, иако пливачите веќе поминаа добар дел од патеката.

– Среде трка имаше големи бранови и грмотевици. Брановите организаторот ги толерира, но кога има грмотевици, тогаш е отворена опасност и мора трката да се прекине под итно. Организаторот реши да прекине – вели Поп Ацев.

Тој беше победник на Охридскиот маратон во 2015 година, а истата година како и во 2017 и во 2019 година беше вкупен победник на Светската серија ултрамаратони.

На Охридскиот маратон кој се одржува од 1962 година и сезонава слави 60 години, само двапати до 35. изданија победувале македонски пливачи во машка конкуренција, Поп Ацев во 2015 година и Томи Стефановски во 2016 година. Во женска конкуренција само две Македонки биле победнички, Атина Бојаџи во 1962 година и Теодора Раптис во 1992 година. Организаторот најави дека Охридскиот пливачки маратон 2022 ќе се одржи в сабота со учество на осуммина пливачи од пет земји. Стартот е во 10 часот од Свети Наум, а ќе се плива на патеката „Климе Савин“ (25 км.) со цел на пристаништето во Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот