Полтронот на Вучиќ го нападна Ѓоковиќ за поддршката за БиХ: „Тој е пропаднат тенисер, никој во Србија не навиваше за Босна“
Драган Ј. Вучиќевиќ, сопственикот и главен уредник на српскиот провладин таблоид „Информер“, упати жестоки зборови и навреди кон Србите кои навивале за Босна и Херцеговина во квалификациите за Светското фудбалско првенство, но и кон најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, пренесуваат босанските медиуми.
Препорачано
Тема на Вучиќевиќ му беше пласманот на Босна и Херцеговина и неуспехот на Србија да се пласира на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, кое ќе се одржи летово.
Босна и Херцеговина пласманот го избори со драматична победа над Италија во Зеница, а на стадионот поддршка на домашната репрезентација ѝ даде лично Новак Ѓоковиќ, што предизвика воодушевување кај добронамерните луѓе ширум регионот на поранешна Југославија.
Наспроти ова, Вучиќевиќ тврди дека Србите не навивале за БиХ.
„Нема Србин кој навивал за Босна и Херцеговина против Италија“, изјави Вучиќеви, по што го коментираше и присуството на Ѓоковиќ на стадионот.
„Да, беше Новак Ѓоковиќ во Зеница. И пак ќе кажам – тој е пропаднат тенисер, откако почна да ‘пумпа’, ништо нема освоено, ниту ќе освои“, рече Вучиќевиќ.
Ѓоковиќ е во немилост кај српските власти и нивните медиумски прислужници, откако јавно ги поддржа студентските протести против власта на Александар Вучиќ. Тој поради ова го премести својот турнир од Белград во Грција.
По средбата меѓу БиХ и Италија во Зеница и историската победа на Босанците, Ѓоковиќ изјави:
„Историски успех, спектакл. Навистина бев среќен поради победата на Босна и Херцеговина. Многу сум среќен што имав можност да присуствувам, тоа се историски и спортски моменти кои се случуваат два до три пати во животот. Чест и привилегија што бев таму, народот беше во екстаза. Видов дека се славеше во Сараево до доцна во ноќта. Заслужено. Таков спортски гигант како Италија да се елиминира на пенали, на таков начин, со таа драма, како холивудско сценарио. На Босна и Херцеговина ѝ посакувам сè најдобро на Мундијалот“, изјави Ѓоковиќ.


