Фото: Информер.рс

Македонија е „банана-држава“, а Муцунски „бедник“ — неофицијалното гласило на Вучиќ блуе навреди поради поддршката за САД

Порталот „Информер“ во навредливиот текст ја напаѓа Македонија и шефот на дипломатијата поради експресната поддршка на интервенцијата на САД во Венецуела и апсењето на Николас Мадуро.

Во текст кој е под нивото дури и на таблоидите кои го поддржуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, „Информер“ вчера жестоко ја нападна Македонија и особено министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, поради неговата експресна поддршка на интервенцијата на САД во Венецуела и апсењето на тамошниот претседател Николас Мадуро.

Порталот, кој важи за неофицијално гласило на Вучиќ и неговата власт, Македонија ја нарекува „банана-држава“, а шефот на дипломатијата Муцунски го „чести“ со навредливиот израз „северномакедонски бедник“, цитирајќи ја неговата објава на „Икс“ со која ја поздрави американската интервенција во Венецуела.

„Информер“ пишува дека македонската политика кон потезите на САД на светската сцена е „слепа послушност без суверенитет“.

„Во пораката на Муцунски нема ни трага од загриженост за кршење на суверенитетот на една земја, меѓународното право или преседанот една сила воено да го притвори претседателот на друга земја. Сè што Балканот и Европа вообичаено се повикуваат кога им одговара политички – едноставно е избришано овде. За Скопје, кое несомнено ги исполнува барањата на Вашингтон и Брисел, очигледно нема дилема: американската сила е по дефиниција „правда“, дури и кога се спроведува со хеликоптери, во темница и надвор од територијата на САД“, пишува „Информер“, чијшто сопственик, Драган Ј. Вучиќевиќ, е еден од најверните поддржувачи на власта на Вучиќ.

Текстот на „Информер“ е единствениот во српските медиуми кој на овој начин го критикува односот на Македонија кон САД и операцијата во Венецуела. Иако во него жестоко се напаѓа и навредува министерот Муцунски, текстот, парадоксално, може да се покаже и корисен за македонските власти и премиерот Христијан Мицкоски. Наспроти обвинувањата на опозицискиот СДСМ – дека Мицкоски е близок со режимот на Вучиќ, нашата власт сега ќе може да ги приложи навредите од „Информер“ како доказ дека не е така.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот