Реконструкција на улица „Лазо Трпевски“ во Чаир / Фото: Фејсбук

Покрај „Цветан Димов“, во Чаир ќе се прошируваат уште две „артерии“

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека освен реставрацијата на улицата „Лазар Трповски“ во Чаир, донесена е дополнителна одлука која, како што вели тој, иако не била дел од неговата предизборна програма, е важна, а тоа е реконструкција на булеварот „Македонско-Косовска Бригада“, со што тој смета дека ќе се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, но и ќе се реши проблемот со непрописното паркирање

По најавата за проширување на булеварот „Цветан Димов“ во Чаир, кое треба да започне до крајот на годината, градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити вчера го најави почетокот на, како што вели тој, еден од најзначајните проекти во Чаир, а тоа е обновата и проширувањето на улицата „Лазар Трповски“(„Ферид Мурати“), долга околу еден километар.

Реконструкција на улица „Лазо Трпевски“ во Чаир / Фото: Фејсбук

Проширувањето ќе овозможи 200 нови паркинг места

Градоначалникот на Чаир објасни дека во првата фаза на реставрацијата ќе се опфатат 600 метри од улицата, а средствата за оваа фаза која чини 22 милиони денари се во најголем дел покриени од Светската Банка, додека пак локалната самоуправа учествува со четири милиони денари.

– Првите 600 метри се реставрираат со помош на Светската Банка во вредност од 22 милиони денари, додека Општина Чаир за овој проект има одделено 4 милиони денари- изјави Меџити.

Реконструкција на улица „Лазо Трпевски“ во Чаир / Фото: Фејсбук

Тој додаде дека вториот дел од реновирањето на „Лазар Трповски“, односно останатите 400-тина метри ќе се реализираат со поддршка од Владата и Општината, а целиот проект предвидува проширување на улицата со простор за велосипедски патеки од двете страни, тротоари и паркинг места.

– Вториот дел ќе се реализира со помош на Владата и Општина Чаир. Проектот предвидува целосна реконструкција на улицата со велосипедски и пешачки патеки и тротоари, а исто така се предвидени 200 легални паркинг места од двете страни- рече Меџити.

Градежните активности ќе опфатат и изградба на два нови кружни текови, еден на крстосницата со „Џон Кенеди“, а вториот кај основното училиште „Исмаил Ќемали“, како и реконструкција на постоечкиот кружен тек.

Ќе се проширува улицата „Лазар Трповски“ во Чаир, Меџити најави нови кружни текови и 200 паркинг места

На настанот присуствуваше и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој изјави дека улицата „Лазар Трпевски“ е една од главните сообраќајни артерии во Чаир, но и во градот, а со нејзиното проширување ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

– Денеска отпочнуваат градежни активности на улицата „Лазар Трпевски“, една од главните артерии на градот. Со нејзиното прошурување ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите и сите учесници во сообраќајот- вели Ѓорѓиевски.

По шест години, повторно ќе се обновува „Македонско-Косовска Бригада“

Ѓорѓиевски исто така најави дека освен реставрацијата на улицата „Лазар Трповски“ во Чаир, во разговор со тимовите на Градот и Општина Чаир е донесена дополнителна одлука која, како што вели тој, иако не била дел од неговата предизборна програма, таа е важна, а тоа е реконструкција на булеварот „Македонско-Косовска Бригада“, со што тој смета дека ќе се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, но и ќе се реши проблемот со непрописното паркирање.

– Сакам да најавам дека во наредниот период ќе започнеме со целосна реконструкција и проширување на булеварот „Македонско-Косовска Бригада“, потег кој безбедносно ќе ги подобри состојбите и генерално ќе го реши проблемот со паркирањето. Во разговор со тимот на Чаир, одлучивме дека овој проект ќе биде многу важен за сите чаирчани и останатите жители на Скопје- соопшти Ѓорѓиевски.

Градоначалникот не даде детали околу почетокот на ова проширување или пак колку тоа ќе чини и кој ќе го покрие, но најави дека во наредниот период ќе соопшти подетални информации за новонајавениот проект.

Ѓорѓиевски најави проширување на улицата „Македонско-Косовска Бригада“ и решавање на проблемот со паркирањето

Оваа улица последен пат беше реконструирана во 2020 година од страна на тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Тогаш, како што информираа од Градот, беа реконструирани тротоарите и рабниците, како и нивелирани шахтите, а беше најавена и нова атмосферска и фекална канализација. Целиот проект чинеше 56 милиони денари.

– Екипите на Град Скопје од денеска ја реконструираат улицата Македонско-косовска бригада во општина Чаир, на потегот од крстосницата со булеварот Никола Карев (Пластичарска) до крстосницата со Втора македонска бригада. На оваа делница ќе се изврши целосна реконструкција на коловозот во должина од 1.700 метри, реконструкција на постојните тротоари, замена на оштетените рабници, нивелација на шахтите и сливниците, а ќе се постават и нова атмосферска и фекална канализација- соопштија од Градот при оваа реновација – соопштија тогаш од Градот.

Наскоро започнува експропријација на објекти на „Цветан Димов“

Покрај овие две улици, Ѓорѓиевски се осврна и на најголемиот проект во Чаир, односно проширувањето на булеварот „Цветан Димов“, за кој повторно соопшти дека очекува да се стави камен-темелник до крајот на оваа година, но изјави дека во меѓувреме Градот ќе ја започне постапката со експропријација на сите објекти кои ќе треба да бидат отстранети за овој проект да може да биде реализиран.

– Булеварот „Цветан Димов“ ќе се прави во соработка со Општина Чаир, од каде ќе ја подготват документацијата, односно техничкиот дел. Веќе во наредниот период, уште пред да биде готов проектот и да отпочне проширувањето – изјави Ѓорѓиевски.

За проширување на „Цветан Димов“ ќе се уриваат објекти – ќе се сочува ли дрворедот?

Тој смета дека раната експропријација ќе помогне во забрзување на реализацијата на проектот бидејќи, како што вели тој, голем број булевари низ Скопје со години се оставени недовршени токму поради неуспешната експропријација.

– За да не губиме време, тим на Градот Скопје ќе започне со експропријација на објектите бидејќи во минатото многу проекти со години останале недовршени и со наталожени проблеми поради ненавремена експропријација, еден таков пример е булеварот „Борис Трајковски“ – соопшти Ѓорѓиевски.

Градоначалникот заклучи дека додека да се решат решат легално имотно-правните односи, проектната документацијата веќе ќе биде готова, по што ќе следи отпочнување на тендерска постапка и избор на изведувач на овој голем проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот