Ѓорѓиевски најави проширување на улицата „Македонско-Косовска Бригада“ и решавање на проблемот со паркирањето
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на денешниот почеток на реставрација на улицата „Лазар Трповски“ во Чаир најави дека во разговор со тимовите на Градот и Општина Чаир е донесена дополнителна одлука која, како што вели тој, не била дел од неговата предизборна програма но е важна, а тоа е реконструкција на булеварот „Македонско-Косовска Бригада“, со што тој смета дека ќе се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, но и ќе се реши проблемот со непрописното паркирање.
Препорачано
„Сакам да најавам дека во наредниот период ќе започнеме со целосна реконструкција и проширување на булеварот „Македонско-Косовска Бригада“, потег кој безбедносно ќе ги подобри состојбите и генерално ќе го реши проблемот со паркирањето. Во разговор со тимот на Чаир, одлучивме дека овој проект ќе биде многу важен за сите чаирчани и останатите жители на Скопје“, соопшти Ѓорѓиевски.
Градоначалникот не даде детали околу почетокот на ова проширување или пак колку тоа ќе чини и кој ќе го покрие, но најави дека во наредниот период ќе соопшти подетални информации за новонајавениот проект.
Оваа улица последен пат беше реконструирана во 2020 година од страна на тогашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов. Тогаш, како што информираа од Градот, беа реконструирани тротоарите и рабниците, како и нивелирање на шахтите, а беше најавена и нова атмосферска и фекална канализација, а целиот проект чинеше 56 милиони денари.


