За проширување на „Цветан Димов“ ќе се уриваат објекти – ќе се сочува ли дрворедот?
За овој проект се појавија и многубројни забелешки од повеќе иницијативи и здруженија во однос на трошењето јавни пари и неминовното отстранување на зеленилото, причини поради кои „Зелен хуман град“ гласаше против, образложувајќи дека нема да гласа за прераспределба на јавни пари без да има изработен проект и без ветување дека нема да се отстранува дрворедот.
Реконструкцијата и проширувањето на една од главните сообраќајни артерии во градот, булеварот „Цветан Димов“ во Чаир, што, како што беше изгласано на минатата седница на Советот на Град Скопје, ќе се спроведува со меѓусебна соработка на Градот и Општина Чаир, предизвика многубројни дискусии од советниците, но и во јавноста. Проектот треба да опфати масовна експропријација и уривање објекти, но и намалување на веќе еднаш намаленото зеленило на потегот на булеварот.
Препорачано
До 2028 година проектот треба да заврши
Овој сериозен и скап проект ќе се реализира со меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Чаир, а предвидено е проектот да биде завршен до 2028 година, Градот за проширувањето има одделено 150 милиони денари или нешто над 2,4 милиони евра, кои се распределени во три фази.

Реконструкцијата и проширувањето ќе го опфати потегот од крстосницата со булеварот „Никола Карев“, попознат како „Пластичарска улица“, сè до семафорите на крстосницата со „Џон Кенеди“, опфаќајќи ја речиси целата критична должина од улицата каде секојдневно се создаваат „тесни грла“ и огромен застој на возилата.
Од овогодишниот Буџет на Градот ќе се одвојат 5 милиони денари, а средства ќе се предвидат и во буџетите на Град Скопје во наредните две години, вклучително и во 2028 година, кога, според Ѓорѓиевски, би било завршено проширувањето.
– Град Скопје во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со средства во висина од 150.000.000 денари, со вклучен ДДВ, обезбедени од Буџетот на Град Скопје и тоа 5.000.000 денари за 2026 година, 55.000.000 денари за 2027 година и 90.000.000 денари за 2028 година, како и со решавање на имотно-правните спорови – се вели во одлуката за меѓуопштинска соработка помеѓу Градот и Општина Чаир.
Општина Чаир ќе проектира, Градот ќе урива и ќе реализира
Како што вели Ѓорѓиевски, откако Советот ја донесе одлуката за меѓуопштинска соработка, следен чекор е изработка за проектна документација, за која надлежна ќе биде Општината.
– Мене ми е искрено жал за булеварот „Цветан Димов“ бидејќи јас имам 38 години и од дете знам дека постојано се говорело за тој булевар, но на сите што тоа го правеле, интересот им бил да го споменат проширувањето за изборни кампањи, без никаква проектна документација. За овој булевар е веќе нарачана проектна документација и, во согласност со одлуката на Советот за меѓуопштинска соработка од пред некој ден, обврските за изработка на проектот ќе бидат на Општина Чаир, додека, пак, Градот тој проект ќе го финансира – вели градоначалникот.
Тој најави дека во првата фаза се предвидува уривање и експропријација на повеќе од 20 објекти во должина на булеварот.
По изработката на проектот ќе започне првата фаза, која ќе опфати експропријација на легални објекти и уривање нелегални објекти што се наредени во должина на булеварот, обврска што треба да ја заврши Град Скопје.
– На потегот што ќе се проширува, ќе вршиме и експропријација на објекти. Ова нема да биде проект што ќе го завршиме за неколку месеци. Таму нè чекаат сериозни активности најпрво поврзани со експропријација, чистење на трасата и други работи, но тоа ќе започне откако ќе биде изработен проектот бидејќи Градот веќе има предвидено средства за оваа прва фаза – соопшти градоначалникот.
Неговиот колега од Чаир Изет Меџити, пак, во однос на експропријацијата изјави дека Општината има предвидено буџет, како што вели, помеѓу 2 и 3 милиони евра за обесштетување на сопствениците на објектите што ќе треба да се уриваат.
– Најкритичната точка е зградата што останала уште од времето на комунизмот, објектот спроти училиштето „Лирија“. Останатите… и тие што изградиле привремени објекти, ги знаат црвените линии. И објектите што ќе се уриваат ќе бидат обесштетени, бидејќи има буџет од 2-3 милиони евра за обесштетување. Тука нема компромис, затоа што ова е главната артерија на Чаир – рече Изет Меџити во гостување на ТВ21.
Ќе „преживее“ ли зеленилото?
Сепак, за овој проект се појавија и многубројни забелешки од повеќе граѓански иницијативи и здружение во однос на трошењето јавни пари и неминовното отстранување на зеленилото, причини поради кои „Зелен хуман град“ гласаше против овој проект, образложувајќи дека нема да гласа за прераспределба на јавни пари без да има изработен проект и без ветување дека нема да се отстранува дрворедот.
– Ќе го поддржиме спроведувањето на овој предлог само ако прво јавно се објави проектот по кој ќе се работи за да се осигуриме и ние и целата јавност дека повеќедеценискиот дрворед на таа улица ќе остане нечепнат, дека коловозните ленти ќе бидат со максимална ширина од 3 метри, како и дека ќе има соодветна и функционална пешачка и велоинфраструктура, инклузивно испланирана да ги задоволи потребите на лицата со попреченост и на сите ранливи категории граѓани. Дополнително, ќе се трошат јавни пари за експропријација, а тоа во овој момент немаме информација колку ќе чини – наведоа од ЗХГ пред гласањето на одлуката.
Ѓорѓиевски прашан на оваа тема, одговори дека зелениот појас ќе се заштити и тоа ќе биде прикажано со помош на 3-Д визуелизација на целиот потег.
– И за овој дел, секако, ќе имаме 3Д рендери за целата оска. Таму има дрвја што ќе треба да ги заштитиме и ќе се направи нов зелен појас што ќе се протега во средината на булеварот, каде што сега има бетон – рече Ѓорѓиевски.
Toj изјави дека е убеден и ќе даде „сè од себе“ до крајот на годината да се постави камен-темелник за овој проект, па останува да видиме дали овој план ќе биде, како што се најавува, конечно решавање на повеќедеценискиот проблем на чаирчани и скопјани без да се отстранува зеленилото и дрворедот, или пак ќе наиде на пречки и одложувања како кај минатите градоначалници и „Цветан Димов“ ќе остане една „задушена“ сообраќајница.

Веќе има две ленти, но едната се користи за паркинг
За сите скопјани е општопознато дека на поголемиот дел од „Цветан Димов“, десните ленти во двата правци со години се користат како паркинг за возилата, поради кои во текот на целиот ден само една лента останува функционална и проодна за возила.
Идентична е ситуацијата и во текот на ноќните часови, каде што поради поставеноста на многуте кафулиња, ресторани и пекарници, десната лента се користи како „брз паркинг“ за гостите во локалите, со што иако протокот на возила не е огромен, сепак се создава метеж што е необичен за овој дел од денот.
На оваа тема со соопштение излегоа и од иницијативата „На точак“, од каде што велат дека вистинскиот проблем на „Цветан Димов“ не е недостигот на сообраќајни ленти, туку, како што велат, нефункционалноста на постојните.
– Вистинскиот проблем на улицата не е недостигот на коловозни ленти, туку нефункционалноста на постојните. Десните ленти со години се узурпирани од паркирани возила, поради што улицата во практика функционира со само една проодна лента во секоја насока – велат оттаму.

„На точак“: Тротоарите блокирани, пешаците
и велосипедистите маргинализирани
Од „На точак“ се осврнаа и на тротоарите, кои се постојано блокирани од нелегално паркираните возила во должина на булеварот, со што, според иницијативата, пешаците и велосипедите се постојано во втор план.
– Дополнителен проблем се тротоарите, кои често се блокирани од нелегално паркирани возила и комерцијални објекти. Пешаците и велосипедистите се целосно маргинализирани, а најавеното проширување на коловозот и стеснување на тротоарите би ја влошило состојбата на јавниот простор – додаваат од „На точак“.
Од иницијативата предупредија дека проблемот е паркирањето и токму тоа треба да се решава, без уништување на постојните урбани и природни вредности како дрворедот и зелените површини.
Според „На точак”, истиот ефект би можел да се постигне и без скапа реконструкција вредна стотици милиони денари, туку само со доследно регулирање на паркирањето.


