Покетино е оптимист: Нејмар и Мбапе уште долго ќе играат за ПСЖ
Откако Нејмар соопшти дека е среќен во ПСЖ и сака да остане и во иднина, во францускиот тим се надеваат дека идентично размислува и втората голема ѕвезда, Килијан Мбапе.
Маурицио Покетино на почетокот од годината седна на клупата на ПСЖ на местото на Томас Тухел, и Аргентинецот се надева дека долги години ќе работи со двете големи ѕвезди, Нејмар и Килијан Мбапе.
– Верувам дека Нејмар и Мбапе ќе останат, имам такво чувство дека долго ќе играат во ПСЖ. Не се сомневам во тоа. Клубот напорно работи за да ги задржи Нејмар и Килијан, тие се среќни во ПСЖ – вели Покетино.
Нејмар пред неколку дена изјави дека е среќен во ПСЖ и сака да остане во Париз, но за разлика од Бразилецот, Мбапе јавно не кажа дека сака да остане во францускиот шампион.
– Не сум тука за да ги комнетатирам зборовите на Килијан, но мислам дека позитивна работа е што беше искрен – изјави Покетино.
Мбапе кој има 22 години, кон крајот на минатата година наводно ги информирал челниците на екипата дека нема намера да потпише нов договор и сака да си замине. Како главен фаворит за неговиот потпис се смета Реал Мадрид кој треба да издвои околу 180 милиони евра за трансферот.