Почна војната меѓу кафулињата и владата: Мерењето бучава е „приказна за мали деца“

Според угостителите, причината за зголемениот број на заразени воопшто не се кафулињата, туку свадбите. Само во септември во Македонија имало 1.000 свадби.

Откако владата наложи бучавата во кафулињата да биде најмногу 55 децибели, што е еквивалентно на бучавата која настанува со нормално зборување на растојание од еден метар, угостителите со скепса и на нож ја дочекаа ваквата одлука. Велат дека, како и за повеќето владини уредби за заштита од коронавирусот, не е прецизирано на какво растојание ќе се мери јачината на звукот, дали ова се однесува на бучавата во самиот локал, или на 15 метри надвор од него.

Освен тоа, во среда во 14 часот попладне, естрадните уметници организираат протест пред владата која забрани во локалите да гостуваат пејачи групи и диџеи. Во угостителските објекти и кафетериите на една маса наместо досегашните 12, ќе може да има максимум 4 гости. Не е дозволено ниту послужување на гости на стоење на шанк. Владата го прифатила и укажувањето на Комисијата за заразни болести за строго контролирање ноќните барови и дискотеките да не работат како и надлежните институции да санкционираат поригорозно.

Претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски за ,,Слободен печат” тврди дека мерката за мерење на бучавата е приказна за мали деца, односно метода за заплашување и дека реално нема да се спроведува на терен, што го покажува и фактот што нема јасно дефинирана казнена политика, односно градација во тоа како ќе се казнува за различни прекршоци. Според него, причината за зголемениот број на заразени воопшто не се кафулињата, туку свадбите.

– Само во септември во Македонија имало 1.000 свадби. Тоа е просек. Само во Скопје секој викенд да има по 15, тоа се сто плус во останатите градови каде што нема контроли. Матичарите излегуваат на лице место да ги венчаваат, а забавите се во домашни услови без контрола. Во врска со мерењето на бучавата, има овластени фирми кои располагаат со опрема и го вршат мерењето на барање на општината или на барање на инспекторатот. Во соодветни зони има правила од Министерството за економија на кое растојание која треба да биде јачината на звукот. Но, со новата владина одлука немаме прецизирање дали ќе се мери бучавата во објектот, дали на некое растојание од објектот и кое е тоа растојание. Дури и да се мери јачината на музиката, во што се сомневам, тоа не значи дека музиката нема да биде гласна, некои локали имаат добра изолација и внатре ,,грми” зашто не е прецизирано на кое растојание ќе се мери таа јачина, дали на пет метри, дали внатре во објектот. Најголем проблем е што од почетокот на пандемијата има една генерална казнена политика, а ова со мерењето на гласноста на музиката е детска работа, посочува Јосифовски.

За илустрација, нивото на звукот на говор е околу 60 децибели, ако луѓето зборуваат еден со друг, со нормални тонови без подигање на нивниот глас, на растојание од околу еден метар.

Ноќните забави излегоа од контрола, а со нив и бројот на новозаразени од коронавирусот доживеа рекорди за македонски услови. Министерот за здравство Венко Филипче, посочи оти анализата на здравствените власти и на Комисијата за заразни болести покажала дека најголемиот пораст на нови случаи е во возрасните групи над 20 години и дека мерките за кафулињата и угостителските објекти се навремени и целосно оправдани.

Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години од 50 проценти и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години, изјави Филипче.

Директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски вели дека инспекторите засилено на терен работат и превентивно им укажуваат на угостителите да се придржуваат до протоколите, но дека поради несоработката мора да се изречат и кривични пријави. Тој за ,,Слободен печат” вели дека јачината на бучавата ќе ја контролираат МВР и другите надлежни инспекторати, а пазарниот инспекторат ќе се фокусира на следењето на протоколите.

– Во еден скопски локал синоќа извадиле 12 маси од просторот и почнале да им ги враќаат на гостите парите, затоа што било преполно. Сега се прават решенија и за барот ,,Мош” и ќе бидат доставени за најмногу три дена. Во ,,Гнездо” нашите инспектори влегле во 21 часот и 30 минути, и им било укажано да ги разместат масите и столчињата на соодветно растојание, но во 11 ипол кога инспекторите се вратиле немало ни маси ни столчиња, туку забава до бесвест па и за нив следува кривична пријава. Кога си заминуваат нашите инспектори, тогаш повторно ги враќаат масите и столчињата, па кога им се враќаме ги болат казните. Ќе доставиме и до владата информација за ова, ни рече Пауновски.

Угостителите доброволно ќе затворат, само да не трпат ,,крпеници од протоколи”

Независната угостителска комора реагира на мерките од владата со тврдење дека не се потребни крпеници од протоколи за работа, затоа што доброволно ќе ги затворат угостителските објекти на две недели. Но, доколку бројот на заразени со коронавирус и понатаму расте, од НУК прашуваат кој ќе ги надополни штетите врз угостителскиот сектор. Според НУК, поради неодговорното однесување на десетина угостители, казнети се 6.500 со 35.000 вработени.

Многу побезболно, подобро и поквалитетно решение според НУК е владата да ги зголеми ингеренциите на државниот пазарен инспекторат.

– Таквото решение и нова ригорозна казнена политика за непочитување на протоколите ќе овозможи инспекторите од ДПИ веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат.

На секој од нас му е јасно дека новите ограничувања односно промена на протоколите за работа нема да го решат зголемениот број на заболени. Свесно ги поттикнуваат и приморуваат младите и гостите од угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава, како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без апсолутно никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје, велат од НУК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот