Загинатиот охридски фотограф Љушев работел неосигуран и без обука, кривична пријава доби сопственикот на фирмата
Охридската полиција поднесе кривична пријава против сопственикот на фирмата во која непријавен и неосигурен работел сега починатиот снимател Кристијан Љушев, кој пред еден месец трагично загина паѓајќи во отвор за лифт во објект во изградба.
Препорачано
Според информациите, Љушев претходно немал никаква обука за работата која ја работел како помошник монтер.
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.М.(43) од Охрид и против правен субјект со седиште во Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на правата од работен однос“. Пријавениот С.М. во својство на сопственик и управител во правниот субјект, свесно не се придржувал кон одредбите од Законот за засновање на работен однос и во правното лице, уредно не го пријавил и не извршил работничко осигурување на сега починатиот работник К.Љ. од Охрид, со што му ги одзел и ограничил правата што му припаѓале. С.М. дозволил пристап на сега веќе починатиот работник, на работно место кое е изложено на сериозни и специфични опасности, без притоа да добие посебни упатства за работа, односно дозволил да извршува работни задачи како помошник монтер, без притоа да изврши основна обука од областа на безбедност и здравје при работа и без соодветен здравствен преглед во здравствена ординација по медицина на трудот“, сопшти СВР Охрид.
Кристијан настрадал додека заедно со колега пренесувал метален дел долг речиси два метра во објект во изградба.
Две фирми ќе одговараат за смртта на младиот фотограф од Охрид, Кристијан Љушев


